23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМанчевски: Македонија e подготвена да биде домаќин на Академијата за сајбер безбедност

Манчевски: Македонија e подготвена да биде домаќин на Академијата за сајбер безбедност

Македонија e подготвена да биде домаќин на Академијата за сајбер безбедност, изјави министерот за информатичко општество и админситрација Дамјан Манчевски, кој се обрати на Дигиталното собрание, што денеска и утре се одржува во Софија, Бугарија.

Манчевски, зборуваше во сесијата посветена на Дигиталната агенда во Западен Балкан, заедно со колегите министри од регионот. Сесијата започна со потенцирање на успехот што се постигна со Дигиталниот Самит што се одржа во Скопје, за поврзување на регионот, соработка и посветеност на дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан.

„Многу ми е мило што гледам дека еден од столбовите на новата стратегија на Европската Унија е дигитализацијата. Агендата на комесарката Габриел е тесно поврзана со политиките на шесте влади од регионот и заеднички се трудиме да ги подобриме животниот стандард на нашите граѓани. Европската Унија е наш стратешки партнер во дигиталната трансформација. И граѓаните наскоро ќе ги видат придобивките од ова партнерство“, истакна Манчевски.

Тој зборуваше за заложбите на Владата и МИОА, во делот на развивање на стратегија за сајбер безбедност и широкопојасен интернет.

„Ако зборуваме за дигитализацијата како четврта револуција, се смета дека 5G мрежата ќе го промени начинот на функционирање на општеството, можеби дури и повеќе од начинот на кој откривањето на електричната енергија го направи тоа. 5G технологијата не само што ќе обезбеди побрз пренос на податоци, туку ќе воведе нови функционалности и апликации што ќе придонесе кон висока социјална и економска вредност. Македонија наскоро ќе ја усвои новата стратегија за широкопојасен интернет, новата стратегија за сајбер безбедноста, а некаде во октомври долгорочната стратегија за ИКТ. Македонија е спремна да иницира и да биде домаќин на првата регионална Академија за сајбер безбедност. На овој начин ќе ги потврдиме нашите заложби за заедничка посветеност и пристап кон овој сериозен и глобален проблем“, посочи Манчевски.

На Дигиталното собрание во Софија, беше презентиран и документот на Европската Комисија, за мерките за поддршка на Дигиталната агенда за земјите од Западен Балкан.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП