Министерството за финансии на САД подготвува правила кои ќе ги спречат компаниите со најмалку 25 проценти во кинеска сопственост да купуваат американски компании во „индустриски значајни“ технолошки области, пренесоа агенциите, повикувајќи се на весникот „Волстрит џурнал“.
Според запознаени извори, цитирани од весникот, Советот за национална безбедност и министерството за трговија на САД исто така подготвуваат планови за „засилена“ контрола на извозот, за да не дозволат слични технологии да отидат во Кина.
Плановите се очекува да бидат објавени до крајот на оваа недела. Сепак, тие не се конечно подготвени и индустријата ќе има можност да ги коментира пред да влезат во сила.
Иницијативите имаат за цел да ги спречат кинеските планови наведени во стратегијата „Произведено во Кина 2025“, која предвидува Кина да стане светски лидер во 10 клучни сектори, вклучувајќи роботика, воздухопловна индустрија и автомобили со чиста енергија.
Американската влада има намера да се фокусира само на новите договори и нема да се обидува да ги расипува веќе постоечките, а планираното ограничување за инвестиции нема да прави разлика меѓу кинеските државни и приватни компании.