25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Лисабон – Португалскиот парламет усвои ревидиран буџет со цел да се задржат јавните финансии под контрола, што е услов договорен во рамки на меѓународниот пакет помош. – Овој ревидиран буџет опфаќа мерки кои ќе ни овозможат да ја испочитуваме целта за буџетскиот дефицит од 5,5 отсто од БДП, изјави португалскиот министер за финансии Витор Гаспар. Двете партии на владејачката коалиција го искористија своето парламентарно мнозинство за усвојување на буџетот, додека опозициските партии беа против негово усвојување.

Вашингтон – Во САД во мај се отворени скромни 175.000 работни места, соопшти американското министерство за труд. Со тоа стапката на невработеност во САД скокна за 0,1 процентни поени на 7,6 отсто. Бројот на невработените Американци всушност остана на исто ниво од 11,8 милиони, но бројот на долгорочно невработените, т.е. тие кои бараат работа 27 недели и подолго, благо се зголеми, на 4,36 милиони.

Хелсинки – Европскиот комесар за економски прашања и главниот креатор на програмата за помош во еврозоната, Оли Рен, го возврати ударот кон ММФ поради критиките на сметка на Брисел околу решавањето на грчката должничка криза. – Соработував со САД во земјите на Западен Балкан работејќи на стабилизација на тој регион, Тоа беше праведна игра, тоа беше вистинско партнерство. А сега мислам дека не е во ред ММФ да се обидува да ги измие рацете и да ја фрли нечистата вода на рамото на Европјаните – изјави Рен во Хелсинки.

Никозија – Врховниот суд на Кипар ја одби жалбата на штедачите на Банката на Кипар и Кипарската народна банка на мартовското решение на Еврогрупата во шишањето на неосигураните депозити и консолидацијата на тие банки. Според пресудата, протестите на оштетените се однесуваат на граѓански права и не спаѓаат во надлежност на Врховниот суд. Врховниот суд истовремено констатира дека депонентите можат да ги остварат своите права со поднесување на барање во окружните судови. Во последните неколку недели до Врховниот суд биле поднесени над 3.000 жалби на одлуката за т.н. шишање на сопствениците на сметките во Банката на Кипар и Кипарската народна банка, чии средства се принудно замрзнати, а некои од нив се претворени во акции. Тие веруваат дека ова се постапки со кои се кршат уставните права и е отворена кражба.

Токио – Јапонскиот електронски гигант Шарп најави емисија на нови акции во вредност од 47 милиони евра, наменети за американскиот оператор на мобилна телефонија Квалком, кој треба да стане трет акционер на таа јапонска компанија. Шарп веќе на 27 декември минатата година емитуваше акции во корист на Квалком, кој влезе во капиталот на компанијата со удел од 4,94 милијарди јени, со цена од 164 јени по акција. Јапонската компанија овој пат ќе емитува акции чија цена ќе биде за околу три пати поголема 51 јен по акција, што е последица на регистрираниот шок на акциите на Шарп на токиската берза.

Лондон – Трговскиот дефицит на Британија поради падот на увозот во април падна за над очекувањата, покажуваат објавените официјални податоци на националната канцеларија за статистика. Трговскиот дефицит во април падна на 8,2 милијарди фунти (9,6 милијарди евра), во споредба со мартовскиот дефицит од 9,2 милијарди фунти, наведено е во соопштението на канцеларијата. – Априлските трговски податоци така се приклучија на листата на позитивни економски вести и укажаа дека нето трговијата може да одигра извесна улога во очигледното забрзување на економскиот раст – изјави Вики Редвуд од компанијата Кепитал економикс.

Виена – Еврозоната е слаба точка на светското стопанство, и недостасува локомотива за раст, оцени во Виена гувернерот на Националната банка на Австрија, Евалд Новотни. Додека рецесијата во САД јасно е завршена, тоа за жал не важи за еврозоната, кој јасно е дека е во рецесија – рече тој при претставувањето на новата стопанска прогноза од Националната банка. Банката во оваа година очекува за еврозоната реален бруто производ за 0,6 отсто, а за 2014 година зголемување за 1,1 отсто, како и раст од 1,6 отсто во 2015 година.

Љубљана – Трговијата на Словенија со странство значително е зголемена во април во однос на претходната година, а покриеноста на извозот изнесуваше 101,2 отсто, соопшти Заводот за статистика во Љубљана. Извозот во април порасна за 9,8 отсто на годишно ниво на 1,90 милијарди евра, додека увозот истовремено е зголемен за 4,2 отсто на 1,88 милијарди, наведе Заводот. Извозот во земјите на ЕУ беше 68,2 отсто од вкупниот извоз, т.е. 1,3 милијарди евра, а увозот од земјите на Унијата 74,1 отсто од вкупниот увоз, т.е. 1,39 милијарди евра.

Париз – Франција и Јапонија го промовираа Посебниот вид на пријателство, на полето на меѓународната политика, економијата и културата, во текот на официјалната посета на францускиот претседател Франсоа Оланд на Јапонија, во рамки на програмата Абеномикс, со која се повикува Европа да го заживее стопанскиот раст. Францускиот претседател и јапонскиот премиер Шинизо Абе заземаа заеднички ставови во поглед на ставање во прв план на економската соработка, фаворизирање на индустриската соработка и во поглед на проширувањето на културната соработка на двете земји. Оваа посета на претседателот на Франција, прва во изминатите 17 години, овозможува создавање на нов амбиент и е нова етапа на француско-јапонското пријателство.

Њујорк – Меѓународната бонитетна куќа Стандард и Пурс ја ревидираше прогнозата за кредитниот рејтинг на Бразил на негативна, како што наведува поради успорувањето на стопанскиот раст и проблематичните јавни финансии. Агенцијата потенцира дека со негативната прогноза, државниот кредитен рејтинг на Бразил може да биде намален во текот на следните две години. Бавниот стопански раст и големата буџетска потрошувачка претставуваат ризици кои би можеле да го ослабат бразилскиот финансиски профил, и ако не се покренат соодветни мерки, резултат ќе биде зголемување на должничкиот товар, наведе Стандард и Пурс, додавајќи дека падот на извозот и недостигот на инвестиции во приватниот сектор ќе влијаат на стопанскиот раст на Бразил.

Париз – Француските власти покренаа официјална истрага во врска со швајцарската банка УБС, поради сомневање дека се обидела да ги убеди богатите француски клиенти да отворат непријавени сметки во Швајцарија, наведе извор од француското судство. Париз пред неколку дена покрена истрага околу француската филијала УБС. Истражувачите се сомневаат дека УБС дозволила на своите швајцарски службеници незаконски да приоѓаат на граѓаните на Франција, како и дека воспоставил таен сметководствен систем за да го прикрие движењето на капиталот меѓу Франција и Швајцарија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП