26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев: Со експресниот пат Ранковце-Крива Паланка се комплетира изградбата на Коридорот 8

Заев: Со експресниот пат Ранковце-Крива Паланка се комплетира изградбата на Коридорот 8

Премиерот Зоран Заев го означи почетокот на градежните работи за изградба на експресниот пат од Куманово до границата со Република Бугарија, односно делницата Ранковце-Крива Паланка. Посочувајќи дека оваа делница ќе биде долга 23 километри, а широка 12,5 метри, Заев истакна дека вредноста на инвестицијата изнесува повеќе од 58 милиони евра.

Премиерот информира дека во моментот се одвиваат и градежни активности за реконструкција на автопатите Скопје-Тетово и Кичево-Охрид. Во процес на изработка е проектот за изградба на автопатот Кичево-Гостивар, овој месец ќе се распише тендер за изработка на проект за проширување на автопатот Гостивар-Тетово, а планирана е реконструкција и на патната делница Струга-Ќафасан.

„Обезбедивме 270 милиони евра за изградба и реконструкција на патна инфраструктура во должина од 800 километри“, потенцира Заев во својата изјава за медиумите.

„Со изградба на патот на кој сме денеска, од Ранковце до Крива Паланка и понатаму до граничниот премин Деве Баир, сакам да потенцирам дека ја комплетираме изградбата на Коридорот 8. Односно од Ќафасан преку Струга, Кичево, Гостивар, Тетово, Скопје, Куманово, Ранковце, Крива Паланка до Деве Баир. Тоа е Коридорот 8 кој поминува во Република Македонија и кој е многу значаен. Овој Коридор, што ги поврзува Црното и Јадранското Море, има многу важна улога во забрзување на економскиот сеопшт раст во државата, a сигурен сум дека ќе ги унапреди и севкупните релации меѓу земјите од овој регион. Да напоменам, Коридорот 10 е целосно комплетиран и готов. Со Коридорот 8 буквално Македонија ќе биде целосно автопатски поврзана“, заклучи премиерот.

Министерот за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Горан Сугарески и Зоран Китанов, истакнаа дека се силно посветени на изградба и реконструкција на целокупната патна инфраструктура во земјата. Китанов додаде дека во овој период преку средства од ИПА 2-програмата комплетно ќе биде реновиран и постојниот пат од Куманово до Крива Паланка и од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, со додавање трета лента.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП