19 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со г-ѓа Валентина Тасева, генерална директорка на Семос Едукација

Интервју со г-ѓа Валентина Тасева, генерална директорка на Семос Едукација

Валентина Тасева: Од Electronic Arts се вратив со нова визија и развиен бизнис план

Интервју со г-ѓа Валентина Тасева, генерална директорка на Семос Едукација и првата жена од Македонија којашто учествуваше на Меѓународната менторска програма за жени лидери во САД – The Fortune – U.S. Department of State Global Women’s Mentoring Partnership.

Едномесечната меѓународна програма која повеќе од 10 години ги поврзува најуспешните жени менаџери од САД со жени лидери од различни земји, има за цел да го унапреди статусот на жените од бизнис светот. Програмата вклучува тренинзи за лидерство, говорни вештини, панел дискусии за правата и можностите на жените, настани за поврзување и двонеделно менторство со најуспешните жени менаџери од Fortune МPW и нивните тимови. Г-ѓа Валентина Тасева престојуваше во Силиконската долина, во компанијата  Electronic Arts, пионерот во компјутерските и видео игри.  

Денар: Едномесечната меѓународна програма во САД повеќе од 10 години ги поврзува најуспешните жени менаџери од САД со жени лидери од различни земји. Оваа година за прв пат имавме учесник од Македонија. Како се случи вие да бидете одбрани? Кои беа условите и предиспозициите кои мора да ги исполнува учесникот?

Учесникот на оваа програма мора да биде жена, не може да се пријави самостојно, односно мора да биде номинирана. Кандидатот се предлага од страна на Американската амбасада во Р.Македонија до Стејт Департментот. За да биде номинирана во Амбасадата, мора да биде претходно предложена од други организации со кои кандидатката соработува. Јас бев номинирана од страна на USAID, со кои досега сме имале неколку заеднички проекти и соработки. Следен услов е учесничката да има бизнис позадина, да има сериозно искуство зад себе и да има можност за импакт врз општеството. Задолжително се разгледува и бројот на институции, оддели, компании, асоцијации, работни групи со кои кандидатката раководи или пак е вклучена по било која основа, бројот на вработени со кои раководи, годишниот буџет кој го управува. Интересен податок кој требаше да се наведе е бројот на жени или девојки на коишто учесничката имала влијание, како ментор, предавач, тренер и сл. Понатаму, битни се и наградите и достигнувањата кои ги има добиено и остварено кандидатката, нејзините вредности како човек и како менаџер.

Освен професионалната биографија, еднакво битен критерирум е јаснотијата во описот на очекувањата кои кандидатката ги има од бизнис менторството. Потребно е да се наведат три лични и три бизнис цели кои кандидатката се очекува да ги оствари за време на менторската сесија.

Апликацијата се поднесува преку Американската амбасада во Македонија до Владата на САД и нивното Министерство за образование. Одлуката се донесува заедно со претставничка на Fortune’s Most Powerful Women. Јас сум на располагање следната година да ја советувам идната кандидатка од Македонија за тоа како да направи успешна апликација.

Денар: На програмата која има за цел да го унапреди статусот на жените од бизнис светот, учесничките се менторирани од страна на менаџери на реномирани компании од САД, а вие бевте дел од Electronic Arts. Што точно се случуваше, раскажете дел од секојдневните обврски.

Целата програма се одвиваше во три дела. Во првата недела имавме ориентација која се  однесуваше на американската бизнис култура, кодексот на однесување, важноста на перосналниот бренд во линија со компанискиот бренд, важноста на нетворкингот, презентациски и говорни вештини, итн. Понатаму, следните 2 недели бев во компанијата Electronic Arts. Таму секојдневно имав по најмалку 5 состаноци со нивниот менаџерски тим. Низ тој процес на секојдневни состаноци, од мене, на почеток се очекуваше да ја одредам визијата, мисијата и вредностите на Семос Едукација и останатите наши компании. Коментарот зад ова барање беше многу валиден – “мора да се постави котва која точно ќе ја опише позицијата и состојбата на компанијата за 5 години”. Со визијата за растот и позицијата на компанијата започна сѐ. Сега точно знам на кои пазари ќе се позиционираме, со кои производи, колкав процент на раст очекуваме, кои процеси треба да ги имплементираме, какви луѓе и со какви вештини се потребни.

Престојот во ЕА резултираше со изработка на мини стратегија за развој, за 5 години од сега. Стратегијата на компанијата, се надоврзува со структурата што треба да се направи за компанијата да функционира и опстои, односно да биде самоодржлива. Потоа доаѓаат процесите коишто треба да бидат воспоставени за да ја поддржат таа структура. Следен чекор е изборот на потребните вработени со соодветни вештини и начинот на нивно наградување. Еден од поголемите ризици за компанијата е да се изберат погрешни луѓе со погрешни знаења и вредности, кои ќе работат во правилно дефинираната структура. Вториот, еднакво голем ризик, е правилно избраните вработени, во правилно воспоставената структура, да бидат погрешно наградени и на тој начин, демотивирани.

Заклучокот е, ако имаме правилен начин на наградување, со правилно селектирани луѓе кои поседуваат правилен сет на знаења, тогаш тие ќе ги изведуваат процесите на најдобар можен начин, согласно структурата во која работат, следејќи ја стратегијата на компанијата и ќе ја приближуваат компанијата кон нејзината визија.

Многу важен фокус во Electronic Arts е начинот на наградување. Генералните директори, не единствено се потпираат на фактот дека менаџерите или пак вработените ќе бидат самомотивирани, туку мотивацијата кај вработените ја поттикнуваат и препознаваат и со соодветен систем на наградувања, кој пак е во линија со целите на компанијата. Соодветен пример во однос на нас е следниот: нашата цел како компанија е да имаме што е можно повеќе слушатели. Вредност во нашата компанија е нашите слушатели да бидат задоволни од квалитетот на нашата обука. Начинот на наградување овозможува секој од вработените да заработи бонус од секој задоволен слушател. Колку повеќе слушатели, толку поголем бонус за вработените. И компанијата и вработените ја имаат истата цел, истите вредности и можат да заработат повеќе заеднички.

За состаноците во Electronic Arts имав напишано бизнис бриф за нашата компанија. Сите кои присуствуваа, имаа увид кон што јас стремам, кои се моите проблеми, и кои се нивните инпути за да ги решам јас тие проблеми. Работев под менторство на нивниот тим составен од директори одговорни за стратегија, интернационален развој, финансии, ИТ, човечки ресурси, маркетинг, итн. Во Македонија се вратив со ново искуство и нови видици, се вратив со визија, со мисија, со стратегија.

Денар: Еден месец престој во голема компанија со врвни лидери и успешни менаџери, е период кој е исполнет со многу искуства, нови научени работи, нови контакти… Но, на кратко, кои се импресиите кои ќе ги паметите?

Влијанието врз бизнисот и мотивот на сите учеснички да направат импакт врз економијата и општеството во својата земја. Сите учеснички беа на свој начин успешни и уникатни, со желба да бидат уште поуспешни во својата област.

Потоа, многу беше импресивно тоа што во Electronic Arts, сите вработени коишто јас ги сретнав, ги зборуваат истите работи, ги споделуваат истите компаниски вредности, истиот пристап… Високиот менаџерски тим на Electronic Arts се состанува еднаш годишно и ги прецизира нивните три цели за таа година. Што и да се договорат дека е приоритет за таа година, одлуката ја дисперзираат надолу низ своите тимови. Целокупниот број на вработени (околу 10.000), понатаму зборува за истото, делува, работи согласно предвидените цели коишто мора да се исполнат во таа година. И начинот на наградување на сите вработени и согласно целите на компанијата за таа година.

Денар: Една од целите на програмата е глобалното поврзување помеѓу бизнис жените од САД, во улога на  менторки и менторираните жени од различни земји од светот. Со кого имавте можност да се запознаете и да остварите контакти?

За време на мојот престој во САД, имав многу неформални средби, состаноци и предавања на кои запознав еминентни имиња од светски познати компании, високи менаџери и бизнис лидери. Меѓу нив се финансовиот директор на Walmart, првата банкарка на Волстрит, жена којашто била на чело на ФБИ во Европа, министерката за образование на САД, итн.

Се разбира, за време на целата програма, имав секојдневни средби со високиот менаџерски тим на Electronic Arts, а предвидено е да продолжиме да остваруваме состаноци и понатаму на квартално ниво.

Денар: Какви бизнис техники и менаџерски вештини стекнавте за време на програмата, и како ќе ги имплементирате во вашиот бизнис, со оглед на тоа дека треба да се приспособат на домашната економија и бизнис клима?

Менаџерските вештини и техники за кои зборував погоре, нема да ги приспособувам на домашната бизнис клима, туку ќе ги приспособам на основните бизнис правила. Секој бизнисмен треба да се однесува согласно бизнис правилата, а тоа е утврдена и реализирана визија, мисија, стратегија, вредности, структура, процеси, правилно селктиран тим од вработени и начин на наградување кој ја подржува стратегијата на комапнијата.

Денар: Јасно е дека има огромна разлика во бизнис културата помеѓу Македонија и САД. Што беше најмногу воочливо, какви промени треба да направи нашата држава за да го следи Западот?

Ќе споделам две работи. Најпрво, сите ние, како поединци, но и како вработени во компаниите, да се потрудиме малку повеќе за да имаме подобро утре. Да настојуваме да го градиме својот личен бренд, како професионалци во својата област, да ја дефинираме својата лична и компаниска визија, сопствената котва за следните 5 години и да се стремиме кон неа, преку учење, труд и квалитет во секојдневното однесување. Да споделуваме позитивни приказни и позитивни примери, да внимаваме на своето однесување секојдневно.

Истовремено, иако немам навика да коментирам во врска со политиката, мојaта пасија е бизнисот, би сакала да ги замолам политичарите, да ја дефинираат визијата за оваа земја јасно, да почнат да креираат вредности, да создаваат структура во која процесите ќе ги изведуваат професионалци, со соодветни кавлификации и знаења, а не со партиска книшка, кои ќе бидат соодветно наградени. За да ни останат младите луѓе кои ќе работат во компаниите, наместо да се соочуваме со континуиран недостиг на работна сила, за да имаме доволно лекари, доволно наставници, доволно професионалци, доволно работни места и секако, подобра економија и повеќе пари.

Денар: Од искуството кое го имавте таму, како ја оценувате положбата на жената генерално во општеството и особено во бизнис светот кај нас, за разлика од високоразвиените земји?

Една од целите на оваа програма е да се пренесе американската бизнис култура врз овие жени. Бизнис опкружувањето во Америка препознава дека жените се 50% од бизнис можностите. Борејки се за подобра економија и глобални резултати, тие ги зголемуваат правата на жените во бизнисот. Од друга страна, по она што го видов таму, морам да напоменам дека всушност жената кај нас има многу подобра положба и можности во однос на голем број на земји глобално.

Иако и други земји сѐ повеќе препознаваат дека жените се 50% од импактот врз бизнисот, сепак жените генерално се повеќе обесправени за разлика од жените во нашата држава. Кај нас има многу поголема слобода, ниедна законска легислатива не е дискриминаторска, семејните вредности се поинакви и многу подобри. Ние имаме проблем со слабата економија, не и со правата на жените во таа економија.

Денар: Што би пренеле до македонските жени-менаџери и бизнис лидери?

Да учат и да научат бизнис од разни аспекти. Никогаш да не престанат да се едуцираат, бизнисот е област за која постојано треба да се учи, но истовремено е збир од формули, правила, знаења кои не така тешко се совладуваат, а обезбедуваат убава иднина. Да не се плашат од неуспех, секогаш да се обидуваат да ја реализираат својата идеја. Секој неуспех е само уште една лекција.

Помеѓу една од целите на програмата е, откако ќе се вратиме во своите земји, да оствариме имапкт врз општеството. Еден начин може да биде споделување на искуства и примери преку социјални мрежи, втор начин на импакт е преку менторирање, третиот начин е доколку се членува во некоја асоцијација и на тој начин повторно се пренесува знаењето. Затоа, би сакала да ја искористам оваа прилика и да ја изразам мојата желба и повик, понатаму да го пренесам знаењето до други 2 жени во бизнис, кои може да бидат менторирани во нашата компанија, кои пак потоа ќе го пренесат знаењето на своите тимови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП