20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Карпош се финализира проект за еко-населба која ќе се простира меѓу...

Во Карпош се финализира проект за еко-населба која ќе се простира меѓу Злокуќани и Бардовци

Општина Карпош е во финална фаза на подготовка на проектот за изградба на првата еко-населба во Република Македонија. Истата е предвидена да се простира на потегот меѓу Злокуќани и Бардовци.

По средба што ја имаше во ноември (2017), градоначалникот Стефан Богоев, денеска имаше можност да се запознае со напредокот на проектот и да се запознае со новостите на тој план со присутните гости, учесници во проектот Cool Heating.

„Она што е значајно е дека, населбата ќе користи обновливи извори на енергија кои ќе ги заменат традиционалните начини на греење и ладење кои предизвикуваат загадување на животната средина“, информираат од општината.

Градоначалникот Богоев извести дека има нов урбанистички момент кај делот меѓу Бардовци и Злокуќани, а тоа е изградбата на новиот Клинички центар. Исто така, посочи дека постои голем интерес кај инвеститорите за вложување во овој дел на Општината, а и за комплетно подобрување на инфраструктурата во целост.

„Оваа еко населба ќе има олеснат пристап и преку изградбата на мостот над реката Вардар, проект кој е во процес на подготовка, а ќе го спроведеме заедно со Град Скопје. Поврзувањето на левиот и десниот дел од Вардар ќе придонесе за директно поврзување на Бардовци со централниот дел на Карпош, но, и за намалување на сообраќајниот хаос“, изјави Богоев.

На работната средба присутните гости покажале интерес и за други теми од областа на енергетиката, ставајќи акцент на гасификацијата на Општината и доближувањето на овој енергенс до сите домаќинства.

„На планот на замена на старите со нови, еколошки енергенси, во текот на вчерашниот ден, Градот Скопје формираше Јавно претпријатие ‘Градски енергетски системи АД Скопје’ кое ќе врши снабдување со природен гас и топлинска енергија, а граѓаните веќе од претстојната грејна сезона ќе можат да ги користат услугите на ова јавно претпријатие“, информираат од општината.

Градоначалникот Богоев посочи дека Општината прави напори за поголем дел од општинските установи (градинки и основни училишта) да користат соларни панели за снабдување со електрична енергија.

Учесниците на проектот Cool Heating ја поздравија отвореноста на локалната самоуправа и способноста да ги препознае приоритетите. По завршување на средбата, тие се упатија на локацијата во близина на Зајчев Рид каде што треба да биде спроведена Студијата за новата населба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП