27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрција очекува олеснување на долгот по состанокот на еврозоната

Грција очекува олеснување на долгот по состанокот на еврозоната

Грција денеска изјави дека очекува министрите за финансии од еврозоната на средбата во четврток да достават „значителни“ мерки, со кои ќе го направат нејзиниот долг одржлив, соопштува „Ројтерс“.

Портпаролот на грчката влада Димитрис Јанакопулос изјави дека не се вистинити шпекулациите за поврзаност меѓу решавањето на спорот со името на соседна Македонија и олеснувањето на грчкиот долг.

„Оптимисти сме и сметаме дека се наоѓаме на прагот на решавање на голем број проблеми кои би имале мултипликаторен ефект врз веќе насобраната инерција на грчката економија“, изјави Јанакопулос на прес-конференција.

„Прифатливи критериуми за сите страни е тоа решение да е убедливо за пазарите и да се олесни кредитната состојба на нашата земја, како и да се врати довербата на Грција, за да може да ја планира својата кредитна политика во иднина, како и секоја друга земја“, рече тој.

Во четвртокот министрите за финансии од еврозоната ќе разговараат за ублажување на долгот на Грција, за да се осигура дека земјата може да се врати на финансиските пазари, откако во текот на осум години се потпираше на заеми од владите во еврозоната, и да се насочи кон одржлив економски раст.

Атина официјално ќе излезе во август од својата програма за спасување – трета за задолжената земја, која за првпат доби надворешна финансиска поддршка во 2010-та година.

Европската унија официјално потврди дека средбата овој четврток ќе e критична за финансиската иднина на Грција, а ќе бидат донесени решенија за користење на околу 40 милијарди евра, кои остануваат неискористени од спасувачката програма за 86 милијарди евра, која истекува на 20-ти август.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП