28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПреку нова програма ќе се подигнува социјалната одговорност и иновативноста на учениците

Преку нова програма ќе се подигнува социјалната одговорност и иновативноста на учениците

Фондот за иновации и технолошки развој и УНИЦЕФ денеска најавија почеток на нов проект со кој учениците ќе се поттикнуваат да учествуваат во детектирањето на општествените проблеми и во изнаоѓањето на креативни решенија за нивно надминување.

На потпишувањето на меморандумот за имплементација на активностите, присуствуваше и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, кој рече дека станува збор за примена на таканаречена „UP SHIFT“ програма во чии рамки наставниците ќе користат современи наставни методи и техники за учење и развој на вештини, со кои ќе ги подучуваат младите и ќе овозможуваат да се развива нивната креативност и иновативност во делот на социјалното претприемништво.

„Практично, наставниците преку посебни програми што ќе се применуваат на часовите по предметите поврзани со иновациите и претприемништвото, ќе ја подигнуваат социјалната одговорност на учениците, способноста сами да детектираат општествени предизвици и да пристапуваат или да се приклучуваат кон заложбите за нивно решавање преку развој на иновативни проекти, односно решенија“, потенцираше Адеми.

Како што рече, учениците ќе имаат можност да се организираат во групи и со конкретни предлог проекти во областа на социјалното претприемништво да аплицираат на јавен повик за обезбедување на тримесечна менторска поддршка и средства за имплементација на предлог проектот.

На крајот ги повика и наставниците и учениците во што поголем број да учествуваат во реализацијата на оваа мерка која за прв пат станува достапна во земјата, со цел да се постигне посакуваниот ефект.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП