20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПредлог-завршната сметка на буџетот за минатата година на денешната владина седница

Предлог-завршната сметка на буџетот за минатата година на денешната владина седница

На дневен ред на денешната 75. владина седница, која треба да започне точно напладне, меѓу другото, е предлог-завршната сметка на буџетот за 2017 година со конечен извештај на овластен државен ревизор, информираат од владината прес-служба.

Министрите на седницата ќе го разгледуваат и ценовникот за висината на цената на сурова вода наменета за водоснабдување на населението од регионалниот водоснабдителен систем „Студенчица“ кон корисниците на ЈП „Студенчица“, Кичево, за регулираниот период 2018-2020 година, со предлог-одлука.

По предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата ќе ја разгледа предлог-програмата за капитални трансфери за центри за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој, како и информацијата за давање согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на проект за инфраструктура за изградба на МХЕЦ на реката Стровија и придружни објекти КО „Стровија“, во општина Долнени, со предлог-одлука.

Пред министрите на седницата ќе се најде и нацрт-одлуката за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 2 и за висината на закупнината, нацрт-договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштвото за трговија и услуги „Аим проперти“ ДООЕЛ Скопје како закупец на земјиште и нацрт-одлуката за давање согласност на договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштвото за трговија и услуги „Аим проперти“ ДООЕЛ Скопје како закупец на земјиште.

Исто така, министрите ќе ја разгледаат и информацијата за предлог-договор за доделување државна помош на Друштвото за производство и трговија „Теламон Европа Македонија“ ДООЕЛ Скопје, предложена од кабинетот на министерката без ресор задолжена за привлекување странски инвестиции, Зорица Апостолска.

Владата ќе одлучува и за предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, предложен од Министерството за труд и социјална политика, а ќе го разгледа и конечниот извештај за извршена ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2016 година на Јавната установа за деца Детска градинка на општина Центар „13 Ноември“ – Скопје, предложен од Државниот завод за ревизија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП