29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗапочнаа преговорите за трговски договор помеѓу ЕУ и Австралија

Започнаа преговорите за трговски договор помеѓу ЕУ и Австралија

Преговорите за трговски договор меѓу Европската унија (ЕУ) и Австралија почнаа денеска во австралиската престолнина Канбера со учеството на еврокомесарот за трговијата Сесилија Малмстром, премиерот на Австралија Малком Турнбул и австралискиот министер за трговија Стивен Чиобо, соопшти Европската комисија.

Целта е да се отстранат пречките за трговијата со стоки и услуги, да се создадат можности за малите и големите претпријатија, како и да бидат одредени правила во духот на другите трговски договори на ЕУ, додава Комисијата.

Преговорите почнуваат по завршувањето на преговорите со Јапонија минатата година и со Мексико во пролетта оваа година, како и по влегувањето во сила на трговскиот договор меѓу ЕУ и Канада во септември минатата година.

Првиот официјален круг на преговори меѓу тимовите од двете страни ќе се одржи во Брисел од 2-ри до 6-ти јули.

Австралија е една од најголемите растечки економии во светот. Заедно со 10 други пацифички држави неодамна преговараше за сеопфатно и прогресивно транс-пацифичко партнерство (CPTPP).

Идниот договор меѓу ЕУ и Австралија ќе им овозможи на европските компании да се натпреваруваат под исти услови со компаниите од земјите со кои Австралија веќе има трговски договори.

ЕУ е сега втор најголем трговски партнер на Австралија.

Билатералната трговија со стоки меѓу ЕУ и Австралија постојано се зголемува во последниве години, достигнувајќи скоро 48 милијарди евра во минатата година. Секторите кои го сочинуваат најголемиот дел од извозот на ЕУ во Австралија се транспортна опрема, машини и опрема, хемикалии, храна и услуги.

Билатералната трговија со услуги изнесуваше околу 28 милијарди евра. Според договорот, трговијата со стоки меѓу двете партнерски земји би можела да се зголеми за повеќе од една третина.

На 22-ри мај, Советот на Европската унија усвои одлука со која се дозволува отворање на преговори за трговски договор помеѓу ЕУ и Австралија.

Досега, ЕУ и Австралија ги спроведуваат своите трговски и економски односи во Рамката за партнерство меѓу ЕУ и Австралија од 2008-ма година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП