24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМанчевски: Отворените податоци ќе придонесат за социјален и економски развој

Манчевски: Отворените податоци ќе придонесат за социјален и економски развој

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, беше дел од презентацијата на нацрт-стратегијата и акцискиот план за отворени податоци. Тој се осврна на важноста од отворените податоци за гарантирање на транспарентноста и отчетноста во работењето на институциите и за обезбедување квалитетни услуги за граѓаните.

„Владата и МИОА во своето работење се стремат кон создавање отворено општество преку зголемување на транспарентноста и отчетноста. Препознавме дека отворените податоци може да бидат силен поттик за социјален и економски развој. Тие може да се искористат и за подобрување на управувањето преку зголемување на транспарентноста, отвореноста, интегритетот и јавното учество во централната и локалната власт. Користењето на податоците по нивното целосно отворање и достапност, ќе придонесе за формирање на еден повитален бизнис-сектор и активно граѓанско општество кое придонесува кон развојот на општеството и економијата во целина“, истакна Манчевски.

Пристапот на граѓаните до информации за работата на државните институции ќе се зголеми и олесни, а транспарентноста ќе доведе до зголемување на ефикасноста и отчетноста во процесот на донесувањето одлуки. Тоа ќе го зајакне односот меѓу граѓаните и државните институции и ќе помогне во градењето доверба на граѓаните во институциите.

„Широката употреба на дигиталните технологии ги прави овие содржини сѐ повреден ресурс во изготвувањето на иновативните производи и услуги со додадена вредност. Отворените податоци може да бидат и еден од главните извори на образовно и културно знаење за целата земја. Првиот и најпрактичен начин за стимулирање на економијата се новите бизниси. Достапноста на отворените податоци за бизнис-секторот ќе овозможи трансформација на отворените податоци во нови производи и услуги. Достапноста на начин што ќе овозможи понатамошна слободна употреба ќе доведе до создавање нови бизниси или нови услуги и производи во рамките на постојните бизниси. На другите фактори, како што се бизнисите, невладините организации, медиумите, тоа ќе им овозможи создавање нови услуги, анализи врз отворените податоци, подготвување извештаи и доставување иницијативи“, рече Манчевски.

На конференцијата се обрати и заменик-амбасадорот на Велика Британија, Пол Едвардс. Тој ги поздрави заложбите на Владата и на Министерството за информатичко општество и администрација да работат транспарентно и да бидат отворени за критики и забелешки. „Кога некој податок не е објавен, граѓаните мора да знаат што е причината за тоа. Владата прави значителен исчекор во тој дел и британската амбасада тоа го поздравува и го поддржува“, истакна заменик-амбасадорот Едвардс.

Во наредниот период МИОА ги повикува сите засегнати страни и заинтересирани граѓани да испраќаат забелешки и предлози на објавената нацрт-верзија на стратегијата и акцискиот план за отворени податоци и со тоа да придонесат кон дефинирање документи што ќе ги пресликаат потребите на граѓаните за добивање квалитетни услуги поблиску до нив. Изработката на стратегијата и акцискиот план за отворени податоци е дел од проектот „Поддршка на реформите во јавната администрација“, поддржан од британската амбасада, имплементиран од Центарот за управување со промени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП