25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајголема инфо-тура за претставување на туристичките атракции на земјата

Најголема инфо-тура за претставување на туристичките атракции на земјата

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија заедно со „ЈСП турс“ ја организира досега најголемата инфо-тура со новинарски екипи од регионот. Повеќе од десет медиумски куќи од Хрватска, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, специјализирани за туризмот, во следните четири дена ќе ги посетат највпечатливите туристички атракции во Република Македонија.

Градот Скопје со Старата чаршија, Старата железничка станица, Спомен-куќата на Мајка Тереза, црквите „Св. Спас“, „Св. Димитрија“, плоштадот Македонија, гастрономијата и Калето се само дел од локациите за првиот ден.

Вториот ден е резервиран за Пантелејмон, кањонот Матка со пештерата Врело, Националниот парк Маврово, „Јован Бигорски“, Дебарското Езеро, градовите Дебар и Струга, каде што новинарите ќе имаат можност да ги видат природните убавини и да се запознаат со можностите за рурален, екотуризам и со алтернативните форми на туризмот со кој овој дел на Македонија изобилува.

Средата е резервирана за најпосетената туристичка дестинација кај нас, градот Охрид и охридската ривиера, со посета на неговите природни и културни знаменитости, гастрономијата и мистиката што ја поседува како град под заштита на УНЕСКО. Последниот ден ќе биде посетата на градот на конзулите, Битола, и винскиот регион на Македонија со посета на винскиот пат и дегустирање повеќе врвни сорти македонски вина.

Овој тип организирани инфо-патувања се резултат на учеството на Агенцијата на промоција и поддршка на туризмот во Република Македонија и туристичкиот сектор на регионалните саеми за туризам и овозможува преставување на македонските туристички потенцијали во повеќе од петнаесетина регионални медиуми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП