3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДоктори од Универзитетската клиника во Франкфурт ќе ги обучуваат македонските кардиохирурзи

Доктори од Универзитетската клиника во Франкфурт ќе ги обучуваат македонските кардиохирурзи

Делегација на Владата составена од министрите за здравство, за финансии и за економија, Венко Филипче, Драган Тевдовски и Крешник Бектеши, а предводена од вицепремиерот, Кочо Анѓушев, во Франкфурт оствари средба со тим од доктори и професори од Универзитетската клиника Јохан Волфганг Гете.

Како што информираат од владината прес-служба, министрите и професорите од клиниката разговарале за можностите за продлабочување на соработката, особено во областа на кардиохирургијата и кардиологијата.

Потенцирајќи дека голем дел од пациентите од Република Македонија за посложени интервенции се уште се препраќаат на лекување во странство, министерот за здравство, Филипче, истакнал дека на тој начин и пациентите непотребно се измачуваат, а од друга страна докторите не учат нови и модерни кардиохируршки техники.

„Со официјализирање на соработката со Универзитетската клиника Јохан Волфганг Гете, за пациентите ќе овозможиме неопходните кардиохируршки интервенции да ги добиваат на клиниката за кардиохирургија во Скопје. Процедурите ќе ги изведуваат нашите доктори заедно со кардиохирурзите од Универзитетската клиника во Франкфурт. На тој начин, специјалистите – кардиохирурзи ќе се дообучуваат и во Македонија ќе добиеме врвни експерти од оваа област“, истакнал Филипче.

Исто така, на денешната средба, се разгледувала и можноста доктори од здравствените установи во Македонија повремено да доаѓаат на краткорочни и долгорочни доедукации на клиниката во Франкфурт, Германија.

Професорот Томас Валтер, кој 25 години работи како кардиохирург и е директор на одделот за кардиохирургија во болницата во Франкфурт, истакна дека особено е значајна соработката меѓу докторите од различни земји. Тоа, како што рече, е одлична можност да се разменат искуства и идеи во одредена област. Придобивката, истакна тој, секако е најголема за пациентите.

„Мора да работиме заедно, а не самостојно. Секоја интервенција бара тим од лекари. А тимот може да биде составен од лекари од нашата клиника и вашата клиника за кардиохирургија во Скопје“, додаде професорот Валтер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП