28 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев ги повика рударските компании поблиску да соработуваат со локалното население

Анѓушев ги повика рударските компании поблиску да соработуваат со локалното население

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, го отвори 3. европски форум за рударство и истражување MINEX EUROPE 2018 на тема „Одржлив развој на западнотетијските металогени ресурси“, организиран од Стопанската комора на Република Македонија.

Во своето обраќање вицепремиерот ја истакна важноста што рударството ја има во целокупната индустрија како сектор каде што се вработени над 10.000 луѓе.

„Според последните податоци, во април 2018 година во споредба со април 2017 регистрирано е зголемување од 1,3 отсто на вработените во овој сектор. Рударството и вадењето камен учествува со 8,31 отсто во индустриското производство на земјата. Овие бројки покажуваат дека придонесот во индустријата е значаен, пред сè, преку рудниците што се отворени пред многу години и денеска работат успешно“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Тој ги повика компаниите од овој сектор поблиску да соработуваат со локалното население и да ги разјаснат сите отворени прашања и дилеми.

„Во Македонија, кога ќе се спомне рударство, се раѓаат негативни чувства. Мора да отвориме дискусија зошто е тоа така. Мој заклучок е дека таквата состојба е генерирана од неодговорниот однос на дел од концесионерите што не ги запазувале критериумите на совесно работење и на совесни стопанственици со цел да направат поголем профит. Иако профитот е основниот генератор на бизнисот од кој и државата има интерес преку собирање данок, исто така мора да се води сметка и за заштита на човекот и на животната околина“, нагласи Анѓушев.

Анѓушев најави усогласување на македонското со европското законодавство со цел заштита на интересите на државата.

„Доколку во Република Македонија се пренесе концесиски договор од еден на друг стопанственик за експлоатација на минерални суровини, законот предвидува да ѝ се плати на државата 7 отсто. Овој закон во минатото беше избегнуван на начин што процесот не се случуваше во Република Македонија, туку се продаваа мајките компании што се надвор од државата. Тука ќе направиме измена, во Законот за минералните суровини, и без разлика каде ќе се случи трансферот на сопственоста, средствата ќе мора да се уплатат во буџетот на Република Македонија бидејќи тука е местото каде што се случува и експлоатацијата. Во минатото државата има изгубено стотици милиони евра по овој основ. Исто така, во делот на даночењето Македонија е место каде што не функционира соодветно системот transfer pricing, а тоа е механизмот кога мајките фирми им продаваат на ќерките фирми или сестрите фирми и притоа не постои усогласен начин за фактурирање на овие средства. Овие две мерки од финансиски аспект ќе значат усогласување на македонското со европското законодавство“, истакна во своето обраќање вицепремиерот Анѓушев.

Усогласувањето со европското законодавство како последица од евро-атлантските интеграции на земјата, како што појасни вицепремиерот, еднакво ќе значи и економска стабилност, безбедност и стандарди бидејќи за да градите економија, покрај мерки и поддршка од Владата, потребно е да имате два базични елемента – владеење на правото и држава со стабилна политичка ситуација. Македонија оди во тој правец, заклучи Анѓушев.

Инаку, 22 отсто од концепциските надоместоци одат во централниот буџет, а 78 отсто се слеваат во општините и кај локалното население – средства што мора да се искористат за подобрување на животот на граѓаните во општините.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП