2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев ги охрабри италијанските компании да бидат дел од изградбата на инфраструктурата...

Заев ги охрабри италијанските компании да бидат дел од изградбата на инфраструктурата во земјава

Премиерот, Зоран Заев, денеска се обрати на Бизнис Форум, насловен – Крстосница на Балканот, инфраструктура, енергетика и животна средина во Република Македонија, во организација на италијанската амбасада во Македонија и ИЧЕ – Агенција за промоција во странство на италијанските компании.

Во своето обраќање пред присутните претставници од стопанството на Република Италија, Заев, повикувајќи ги да ја продолжат и продлабочат соработката со македонските компании, меѓу другото рече:

„Длабоко верувам дека денешниот Бизнис форум претставува одлична можност да ги отвориме перспективите за развој на енергетиката и инфраструктурата и за заштита на животната средина преку плодоносна, квалитетна и широка дебата за прашања од исклучителна важност за иднината“.

Премиерот истакна дека Македонија претставува најважната крстосница на Балканот, кога станува збор за инфраструктурното и енергетското поврзување. Додаде дека Македонија претставува и најцврстиот јазол кој ги поврзува земјите од Западен Балкан на културно и историско ниво.

„За нашата земја да ја исполни таа своја клучна задача, планираме да ги ставиме во функција сите капацитети и да го впрегнеме целиот неискористен природен потенцијал што Македонија го поседува, да направиме поврзување на земјата преку патна, железничка и енергетска инфраструктура со земјите од регионот и Европа и секако да ја чуваме и унапредуваме животната средина“, рече Заев, кој подвлече дека особено значајно е да се обезбеди диверсификација и достапност на енергенсите до сите граѓани и до компаниите.

„Овде ни требаат пријателите. Италија е голем пријател на Република Македонија, земја која што е еден од главните столбови на Европската Унија, кон која што мојата земја тежнее. Од тоа име јас упатувам отворена покана, покана за пријателство, да ја продолжите и унапредите соработката која веќе ја имате со нашата земја, со домашните компании, да ја зголемите трговијата, но и да конкурирате за се она што претставува наша амбиција за изградба на сеопшта инфраструктура во Република Македонија“, истакна премиерот.

На Форумот исто така се обратија и амбасадорот на Република Италија во Република Македонија, Карло Ромео и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, а панелисти на форумот беа и Анка Јоана Јонеску – директорка на ЕБРД за Македонија, Никола Бертолини – раководител на Секторот за соработка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Александра Капобјанко – директорка на канцеларијата на Агенцијата за промоција во странство на италијанските компании во Скопје, како и претставници на италијански асоцијации за градежништво, проектирање, за електронска и електротехничка индустријата и железницата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП