8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев: Во следните години, околу 16 милиони евра од буџетот ќе се...

Анѓушев: Во следните години, околу 16 милиони евра од буџетот ќе се издвојат за електрификација на транспортот

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, присуствуваше на форумот „Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилност“ организиран од делегацијата на Германското стопанство во Македонија и Македонско Германското стопанско здружение.

На форумот, покрај вицепремиерот за економски прашања, со свои излагања учествуваа и заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули и градоначалникот на град Скопје и претседател на заедница на единици на локална самоуправа, Петре Шилегов.

„Определбите на Владата во поглед на транспортниот сектор се преточени во подготовка на Национална Стратегија за транспорт, која е во фаза на интеринституционално координирање. Транспортната инфраструктура е предвидена за долг животен век, а одлуките кои ги носиме во оваа област, сега, ќе донесат плод во годините кои следат и ќе ја определат ефикасноста на транспортните услуги“, истакна вицепремиерот.

Воедно додаде дека владината политика во областа на транспортот се усогласува со економските, социјалните и потребите за заштита на животната средина, како во поглед на инфраструктурата, така и во поглед на услугите.

„Електромобилност значи како постојните транспортни средства да се заменат со транспортни средства на електрична енергија. Во Македонија има само 80 електрични возила, од кои 47 возила се во Скопје. Не може да ја имате сликата како ќе се развива светот и во кој правец ќе оди, ако ја немате комплетната слика за енергетиката. Македонија е мал дел од тој свет и Македонија има само еден избор, а тоа е да ги следи трендови и да ги преслика во сопственото секојдневно живеење“, рече Анѓушев.

Заменик претседателот изнесе дел од целите за електрификацијата на транспортот кои се опфатени во стратегијата, како поддршка за обновување на постојниот возен парк на стари автомобили со стимулации од Владата.

„На среднорочен план се предвидени 10 милиони евра поддршка за сите оние кои ќе сакаат да употребуваат електричен автомобил, предвидено е 1 милион евра за спроведување на транспортни стандарди во врска со одржливоста на животната средина и климатските промени во согласност со практиките на земјите од ЕУ, промоцијата на електричните возила и подобрувања на регионалниот јавен транспорт предвидено е во вредност од 100 000 евра, финансиска поддршка за набавка на хибридни и електрични возила во патниот јавен транспорт во вредност од 5 милиони евра како и промена на стандардите за транспортна инфраструктура во однос на климатските промени. Во следните неколку години се предвидени 16 милиони евра од државниот буџет за електромобилност“, појасни потпретседателот Анѓушев.

Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули истакна дека за општ интерес, Владата работи на план за постепено воведување на еколошки возила, а предизвик на локалната самоуправа се зелените паркинзи за полнење на електричните возила, бесплатни патарини на автопатот и подготовка на автопатот за оние што минуваат низ нашата земја со електрично возило.

„Електромобилноста носи и други придобивки, ова е концепт што носи инвестиции и генерира нови зелени работни позиции, ги стимулира обновливите извори и има е здравствен ефект. Но, за ова да се направи, мора да се има интегративен пристап. Не е доволно само учество на Владата, министерствата и локалната самоуправа, потребни се и другите чинители, науката, медиумите, бизнис секторот, граѓанските здруженија и на крај потребна е промена на навиките, без тоа нема да дојдеме до конечното решение“, потенцираше Макрадули.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП