28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаев и Филипче им порачаа на младите доктори: Ќе направиме сè за...

Заев и Филипче им порачаа на младите доктори: Ќе направиме сè за да ве задржиме во земјата

Премиерот Зоран Заев, во присуство на министерот за здравство, Венко Филипче, пратеничката во Собранието и стоматолог по професија, Мери Лазарова, како и претставници од здруженијата на специјализанти и млади доктори, се обрати на панел-дискусијата организирана од Министерството за здравство – „Инвестираме во младите доктори, иднината на здравството во Република Македонија“.

Истакнувајќи дека иднината на Македонија е во младите луѓе, премиерот Заев потенцира дека политиката на Владата на Република Македонија и на Министерството за здравство се исклучиво во насока на задржување на докторите во земјата.

„Владата на Република Македонија донесе предлог-програма за едукација на лекари и медицински персонал и за кофинансирање на специјализациите, односно супспецијализациите на здравствените работници вработени во приватни здравствени установи за 2019 година. Како резултат на имплементацијата на оваа програма пациентите ќе добиваат здравствени услуги по највисоки стандарди, младите доктори значително ќе се доусовршат, со што навреме и прецизно ќе се дијагностицираат болестите. За оваа намена обезбедивме доволно средства во буџетот на Република Македонија за в година“, рече премиерот.

Тој исто така на младите доктори им посочи и дека заложба на Владата е до 2020 година платите на докторите специјалисти во терциерното здравство да се зголемуваат постепено и да достигнат износ од најмалку 100 илјади денари.

„Знам дека промените веќе ги чувствувате. Специјализантите што се пријавиле на конкурсите пред почетокот на оваа година, вклучувајќи ги и кофинансираните, веќе добиваат плата. А од овој месец плата ќе добиваат и оние од вас што се пријавиле на конкурсот во јануари годинава“, додаде Заев.

Министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека во изминатите години младиот медицински кадар бил заборавен од државата. Тој додаде дека поради фактот што не се вреднувал нивниот труд, единствениот излез за младите доктори бил да работат надвор од Македонија.

„Зголемување на надоместокот за дежурства, ноќен труд и прекувремена работа е во насока на останување на медицинскиот кадар дома. Веќе почнаа исплатите за 200 специјализанти, а од овој месец дополнително ќе бидат исплатени уште 92, кои беа запишани на специјализација со јануарскиот конкурс годинава. Со заеднички договор со Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија дополнително уште 40-ина специјализанти стоматолози од септември ќе добиваат надоместок“, потенцира министерот.

Мерките што Собранието на Република Македонија ги предлага за подобрување на условите за практично учење на специјализантите им ги презентира Мери Лазарова, член на собраниската Комисија за здравство и стоматолог по професија.

„Се заложуваме за систем на континуирана медицинска едукација. Здравството ќе се соочи со дефицит на специјалисти, кој, ако не реагираме бргу, не ќе може да се надополни. Затоа го подржуваме финансирањето на специјализациите на 10-те најдобри студенти, како и заложбата на Министерството за здравство да се зголемат квотите“, потенцира Лазарова.

Можност за дискусија имаа и присутните млади лекари, специјализанти, професори, студенти. Искажаа благодарност што завршила експлоатацијата на специјализантите и нивниот труд. Побараа уште повеќе да заживее дебатата со нив бидејќи само тие може да ги посочат вистинските проблеми со кои се соочуваат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП