7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРазлични цени за различни пазари, во Македонија секогаш најскапо

Различни цени за различни пазари, во Македонија секогаш најскапо

Различни пазари, различни цени, а во Македонија секогаш повисоки. Ова особено се однесува на облеката – исто парче од ист бренд е малку поевтино во Софија и Солун, а многу поевтино во европските метрополи.

Познавачите коментираат дека помалиот пазар значи послаба конкуренција па тоа се одразува и на крајната цена.

„Големите меѓународни брендови имаат неколку нивоа на цени – колку пазарот е помал, понеразвиен, а куповната моќ поограничена толку диктираната цена е повисока поради помалиот промет“, објаснува трговскиот аналитичар Синиша Томески.

Дополнително влијание на цената имаат и трошоците – платите и даноците се помали во Македонија во споредба со Грција, но затоа закупнините во трговските центри се повисоки.

„Дополнително малиот обрт значи носење на само по неколку парчиња што ја зголемува набавната цена. Нормално е дека во Македонија со два милиона жители ќе биде поскапо отколку во Србија со над осум милиони. Но, мислам дека се што е над 10 проценти поскапо е неоправдано“ вели Томески.

Разликата со земјите од соседството најчесто се движи во рамки на овие 10 проценти. На пример,  меѓународен бренд на македонската верзија на својот интернет сајт нуди женска чанта за 2.490 денари (40 евра), а на грчката и бугарската верзија за 35 евра. Машки пантолони во земјава се продаваат за 1.490 денари (24 евра), во Грција и во Бугарија цената е 20 евра.

Разликата станува уште поголема и поочигледна при попустите и промоциите. Кај нас ретко кога има вистински снижувања.

Според Евростат, статистичката агенција на Европската Унија, најевтина облека има во Турција, а најскапа во Исланд. Податоците се однесуваат на 2015-та година.

Така алиштата во Турција се продаваат за 37% под европскиот просек, следат Македонија и Бугарија со 21% под просекот. На врвот на листата е Исланд со 52% над просекот, па Швајцарија и Данска со 34 односно 33%.

Сепак, овие податоци се за просечната цена на облеката, вклучително и локално произведените парчиња и не ги земаат предвид меѓународните и најбараните брендови, ниту периодите на попусти и распродажби.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП