9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПротести во Србија поради цените на горивата

Протести во Србија поради цените на горивата

Едночасовен протест против високите цени на горивото се одржа вчера во Белград, Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Шабац, Панчево, Нови Пазар, на Ибарската магистрала и во други делови на Србија. Возачите ги блокираа улиците и патиштата, откако на социјалната мрежа Фејсбук беше упатен повик за учество во протестот.

Во Белград за време на протестот сообраќајот целосно е запрен на делницата на автопатот кон Ниш. Во Нови Сад протестот предизвикал целосен сообраќаен колапс, а медиумите информираат дека целосно бил блокиран и Ниш, Крагуевац, Зрењанин, Шабац, Ужице, Врање, Лесковац и во речиси сите поголеми градови во Србија, како и на Ибарската магистрала кај Лазаревац.

Организаторите на блокадата велат дека се борат за усвојување на три барања, поради фактот што горивото во Србија е меѓу најскапите во регионот. Првото барање на возачите е да се усвои нова цена на горивата која нема да го надмине износот од 110 динари за литар дизел (0,93 евра) и 120 динари за литар бензин (1,02 евра) и оваа цена да биде важечка за сите бензински пумпи во Србија. Барањата, исто така, вклучуваат и нова пресметка на цената на горивото, така што на основната цена на горивото ќе се пресметува данок, а потоа да се додаде акцизата која не смее да биде поголема од 50 проценти од основната цена на бензинот. За возилата со погон на гас се бара цената на гасот да не биде поголема од половината од цената на безоловниот бензин.

Од почетокот на годината до денес, горивото во Србија е зголемено за 8,79 динари за литар, а за дизелот за 11,30 динари. Сега литар бензин од 95 октани чини 152,02 динари, Еуродизелот 161,71, додека за поскапите горивни категории таа е 167 динари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП