Трговскиот дефицит на САД е намален втор месец во април по намалувањето на увозот на стоки, претежно од Кина, пренесоа американските медиуми.
Сепак за оваа година дефицитот е зголемен за 11,5 отсто во однос на претходната година и покрај ветувањата на претседателот Доналд Трамп да ја намали нерамнотежата преку нови давачки за увоз и договорени трговски договори.
Министерството за трговија соопшти дека трговскиот дефицит е намален до 46,2 милијарди долари во април во однос на 47,2 милијарди долари во март и е на најниско ниво од септември. Извозот е зголемен до рекордни 211,2 милијарди долари, а увозот е намален до 257,4 милијарди долари.
Трговскиот дефицит на стоки со Кина е намален со 8,1 отсто во април, а со Мексико е со 29,8 отсто.
Во април американскиот извоз бил поддржан од испораката на соја (+18,42 отсто), чиј главен пазар е Кина.
Во меѓувреме од други податоци, станува јасно дека продуктивноста во САД порасна на годишна основа со само 0,4 проценти во првиот квартал. Резултатите се пониски дури и од првично предвидените, додека трошоците за работна сила се зголемија за малку побрзо темпо.
Министерство за труд на САД денеска соопшти дека растот на продуктивноста во првиот квартал на годината е ревидиран кон намалување од прогнозираната пред еден месец стапка од 0,7 проценти. Трошоците за работна сила се зголеми за 2,9 проценти во однос на прогнозата за 2,7 проценти за периодот јануари-март. Растот во продуктивноста е незначително подобар однос темпото од 0,3 проценти во четвртиот квартал, но е под растот од 2,6 проценти во третиот квартал.
Продуктивноста е главен фактор кој покажува колку брзо може да расте економијата и колку може да се зголеми животниот стандард. Индикаторот беше слаб за време на периодот за опоравување по рецесијата. Тој се зголеми со едвај 1,3 проценти за целата 2017-та година.