7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШилегов: Имаме решение за паркирањето на Матка и ќе понудиме нови содржини...

Шилегов: Имаме решение за паркирањето на Матка и ќе понудиме нови содржини за граѓаните

Град Скопје постојано работи на создавање нови содржини што ќе го поттикнат локалниот економски развој и ќе ја збогатат туристичката понуда, рече градоначалникот Шилегов откако денеска заедно со претседателот на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, Штефан Петер, потпишаа меморандум за соработка со ЕВН за користење на изложбениот центар „Матка“, кој е прв од ваков вид во регионот.

„Матка заслужува поголема грижа со цел максимално искористување на нејзиниот туристички потенцијал. Во таа насока предвидовме проекти со кои може да се реши сообраќајниот метеж и проблемот со паркирањето. Дополнително, Матка ќе ја збогатиме со нови содржини што ќе ја зголемат атрактивноста на локацијата и ќе придонесат за привлекување нови туристи. Ние продолжуваме да работиме на поттикнување и создавање нови урбани содржини што ќе му дадат на Скопје дополнителен модерен лик“, нагласи Шилегов, кој додаде дека во таквиот процес соработката со приватниот сектор е од исклучително значење.

Скопскиот градоначалник истакна дека претставници на неколку универзитети во Македонија, на средни и на основни училишта, како и претставници на Бирото за развој на образованието, потпишале иницијатива за користење на изложбениот центар „Матка“ во едукативни цели во насока на унапредување на образовниот процес.

„По потпишувањето на овој меморандум изложбениот центар ‘Матка’ ќе добие поголема промоција и ќе стане повидлив на туристичката мапа на Скопје. Овој изложбен центар е добитник на наградата ‘Музеј на годината’, што ја доделува ICOM (International Council of Museums) – Македонија, а минатата година ја доби и националната награда за општествена одговорност, што ја доделува Министерството за економија“, истакна Шилегов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП