12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПроизводството на електрични возила може да затвори 75.000 работни места во Германија

Производството на електрични возила може да затвори 75.000 работни места во Германија

Производството на електрични возила ќе резултира со затворање на 75.000 работни места во секторот за производство на мотори во Германија до 2030-та година. Ова е студијата на Институтот „Frauenhofer“, нарачана од синдикатот „IG Metall“.

Од вкупно 210.000 работни места во производството на мотори за автомобилските компании и нивните снабдувачи, 100.000 ќе исчезнат со зголемувањето на електричните автомобили и ќе се создадат околу 25.000 нови работни места.

Студијата се базира на сценарио каде што до 2030-та година 25% од автомобилите на германските патишта ќе бидат електрични возила, а 15% ќе бидат хибридни модели. Овој развој е во согласност со европските цели за намалување на емисиите на јаглерод и создавање инфраструктура за полнење на електрични автомобили.

Во моментов, електричните и хибридните возила се само помеѓу 1 и 2 проценти од германскиот возен парк.

Автомобилскиот сектор во Германија има над 800.000 работни места од 44,3 милиони луѓе во активна работна возраст до 1-ви јануари оваа година. Сепак, студијата се фокусира само на сферата на производство на мотори.

„Некои доставувачи нема да можат да ги прилагодат своите економски модели, особено во малите и средни претпријатија“, предупреди претседателот на „IG Metall“, Јерг Хофман. „Влијанието може да биде многу високо во некои региони каде што нема алтернативно вработување“, додаде тој.

За производство на еден милион бензински мотори се потребни 3.990 работници, додека за правење на електричните системи кои не се толку сложени, се доволни 1.840 лица.

Електричниот мотор има потреба од 20 пати помалку делови отколку традиционалните мотори, според оценка на Сојузот на германски производители на машини (VDMA).

Германската автомобилска индустрија ги вклучува најголемите производители на автомобили во светот, како „Volkswagen“, „Daimler“ и „BMW“, но таа често е критикувана за доцнењето во транзицијата кон електричниот пазар, на кој засега доминираат американските конкуренти како „Tesla“, како и кинеските производители.

Со промената во потрошувачките навики и по кризата со манипулациите со дизел моторите на „Volkswagen“ во 2015-та година, големите производители на автомобили најавија инвестиции од десетици милијарди евра во електрични и автономни возила.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП