20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБитолската млекарница додели 68 високо квалитетни јуници за своите кооперанти

Битолската млекарница додели 68 високо квалитетни јуници за своите кооперанти

bimilk-go-zgolemi-otkupot-na-mleko-za-15-otsto-80322

Битолската млекарница БиМилк денеска додели 68 грла високовалитетни јуници од расата Холштајн Фрисиан Елит со германско педигре за своите кооперанти, со што бројот на увезени грла достигна 800 високо квалитетни јуници, сметајќи од денот кога почна да се реализира оваа стратешка одлука на компанијата, односно од 2011 година.

На денешното доделување на, како што рекоа од БиМилк, „елитни јуници“, бидејќи имаат продукција од три генерации наназад и потенцијал од 11 тони млеко годишно, присуствуваше и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, кој посочи дека одлуката на битолската млекарница придонесува за јакнење на довербата меѓу производителите и преработувачите на млеко.

– На овој начин директно се спроведува Стратегијата за подобрување и следење на квалитетот на млекото 2013-2020 година која ја изработивме во соработка со фармерите и млекарниците. За реализиција на стратегијата предвидени се средства во висина од 128 милиони евра за период од осум години и притоа предвидени се низа мерки, меѓу кои и набавката на високостелни јуници за што ние како министерство надоместуваме 50 отсто од трошоците на фармерите, истакна Коњановски.

На денешната средба со новинарите во битолското село Логоварди каде што е лоциран големиот карантин на БиМилк, заменик министерот Коњановски посочи дека во последниве години е забележан зголемен увоз на високостелни јуници за потребите на фармерите. Минатата година бил регистриран интерес за увоз на 600 јуници и затоа МЗШВ врши кофинансирање на трошоците за набавка на високостелни јуници.

– Годинава од програмата издвоивме 35 милиони денари за кофинансирање на трошоците за високостелни јуници. Оваа мерка значи јакнење на генетскиот потенцијал, зголемување на количините на произведено млеко, подобар квалитет на млекото и развој на млекарниците во Република Македонија. Веруваме дека со овие мерки ќе се намали проблемот со недостиг на свежо млеко кој се јавува во изминатите години, истакна Коњановски.

Доделувањето на 68 јуници на 17 кооперанти се изврши по пат на случаен избор -извлекување, а цената на едно грло изнесува 2.090 евра, потврди генералниот директор на Битолска Млекарница, Златко Најдовски.

– Набавката на јуниците ја извршивме на барање на кооперантите на кои им овозможуваме и друга помош и совети. Реализацијата на нашата стратешка одлука е во функција на намалување на недостигот од млеко, посебно т.н. екстра класа млеко. Нашиот бренд бара безбедност на производот и врвен квалитет и во таа смисла ќе продолжиме во континуитет да увезуваме висококвалитетни јуници, истакна Најдовски.

Со доделувањето на висококвалитетни јуници за кооперантите, како и со утрешниот БиМилк хепенинг на градското шеталиште во Битола, најголемата македонска млекарница воедно го одбележува и меѓународниот Ден на млекото, беше истакнато на денешната средба со новинарите во овој град.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП