2 мај, 2024
ПочетнаАВТОБИЗQ8 - Новиот SUV во гамата на Audi (фото+видео)

Q8 – Новиот SUV во гамата на Audi (фото+видео)

Нa Интернет се појавија фотографии од новиот „SUV“ модел на „Audi“, пред неговата премиера во кинескиот град Шенжен.

„Audi Q8“ е замислен како спортска верзија на најголемиот „SUV“ во гамата на овој производител, моделот „Q7“.

Првите фотографии покажуваат дека германскиот производител направил стилски промени од конзервативниот дизајн на „Q7“. Серискиот „Q8“ визуелно остана прилично доследен на концептот на кој е базиран.

На предниот дел на возилото доминира масивна маска на ладилникот, која е поширока и различно обликувана во однос на „Q7“.

Новите „LED“ светла се потенки и дополнително допринесуваат во спортската појава на автомобилот.

Профилот на „Audi Q8“ открива силуета на купе, со многу закосени и широки „C“ столбови.

Задните светлосни групи исто така се со „LED“ технологија и визуелно се меѓусебно поврзани, па изгледаат како да прават една целина, додека над нив поставен спојлер. Двете трапезоидни издувни цевки елегантно се вклопени во задниот дифузор.

Внатрешноста „Audi Q8“ се надоврзува на ентериерот на новите модели од германската компанија, како што се „A6“ и „A8“.

Воланот е засечен на долниот дел, внатрешните облоги на вратите се од „Alcantаrа“ и кожа, а седиштата се од кожа.

Поголем дел од командната табла е изработен од „piano“ пластика во која се вклопени два големи екрани – мултимедијалниот систем и клима уредот.

Како и повеќето нови возила на „Audi“, купувачите на располагање ќе имаат дигитален екран наместо класичната, аналогна инструмент табла.

Техничките детали засега не се официјално објавени, но според најави „Q8“ располага со багажник од 605 литри, кој со наслонување на задните седишта може да се прошири на 1.755 литри.

Се очекува на почетокот во понудата да биде 3.0-литарски „V6“ бензинец со 340 ks (250 kW) и два 3.0-литарски „TDI“ дизели.

Послабиот ќе произведува 231 ks (170 kW), a помоќниот 286 ks (210 kW).

Повеќе технички податоци ќе бидат познати по премиерата, а „Audi Q8“ во продажните салони во Европа ќе пристигне во текот на есента, кога се очекува да бидат познати и цените за овој модел.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП