3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈаз помеѓу мажите и жените на пазарот на труд во Македонија

Јаз помеѓу мажите и жените на пазарот на труд во Македонија

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, учествуваа на панел на тема „Состојбата наспроти можностите за постигнување родова еднаквост”, кој е дел од Втората меѓународна конференција „Жените во енергетиката 2018“, која вчера и денес се одржува во хотел „Мериот“ -Скопје.

Министерката Царовска истакна дека во насока на јакнење на заедничкиот пристап кон родовите прашања, Владата ја формира Интересорската советодавна-консултативна група за еднакви можности на жените и мажите, тело кое има обврска да се грижи за имплементација на родовите перспективи во креирањето на политиките и буџетите.

„Родовата перспектива е силно присутна при креирање на буџетот на Министерството за труд и социјална политика. Наша цел е да реализираме активности кои ќе се однесуваат подеднакво кон мажите и жените, но и да изградиме механизми кои ќе им овозможат еднаков личен, општествен и професионален развој“, рече министерката Царовска, притоа нагласувајќи дека и во Оперативниот план за вработување е јасно назначено најмалку половина од корисниците на мерките да се жени.

Министерката Царовска во своето обраќање на панелот информираше дека се разработени измени во процесите на стратешко планирање на Владата со цел сите програми и мерки задолжително да вклучуваат родовата перспектива.

„Воведовме е-модул за родова еднаквост за целата администрација, со цел јакнење на нивните капацитети за креирање политики што се родово сензитивни и коишто одговараат на потребите на сите граѓани. Во таа насока и родовото одговорно буџетирање ќе продолжиме да го унапредуваме во сите инвестиции со цел да се осигураме дека нашите стратешки приоритети ќе бидат преточени во конкретни акции“, рече министерката Царовска.

Министерката Зорица Апостолска осврнувајќи се на состојбата со жените на пазарот на труд и предизвиците кои се создаваат за жените претприемачи, истакна дека постоечкиот јаз помеѓу мажите и жените на пазарот на труд во Македонија, во кој мажите уечeствуваат со 60,5%, а жените со 40,3%, остава многу простор за работа и подобрување на родовата застапеност на ниво на европскиот просек, каде што мажите партиципираат со 73%, а жените со 62,5% во стапката на вработеност.

„Владините политики во доменот на привлекување странски инвестиции може да се очекува да има позитивни импликации за надминување на родовата нееднаквост на пазарот на труд во Македонија“, рече министерката Апостолска. Таа истакна дека една од најзначајните бариери за жените при пристапот на пазарот на труд е достапноста до финансии за отпочнување или водење сопствени бизниси.

„Со новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите оваа бариера за жените се релативизира, се отвораат мотивирачки можности за жените да бидат успешни претприемачи и сè почесто да отпочнуваат сопствени бизниси со користење на можностите за финансиска поддршка“, рече Апостолска, притоа нагласувајќи дека она што може да биде интересно за жените во енергетиката е финансиската поддршка која со Законот се нуди за отворање центри за технолошки развој и истражување.

„Со тоа што со Законот се стимулира воведување нови технологии и знаења, се отвораат значајни перспективи за надоградување на вештините и квалификациите на жените кои се дел од овој индустриски сектор“, рече министерката Апостолска.

Имајќи во предвид дека жените како претприемачи најмногу се присутни во сегментот на мали и средни претпријатија, министерката Апостолска потсети за поддршката која Фондот за иновации ја дава за овие компании и посочи дека може да биде важен стимул за жените да почнат да го прошируваат својот бизнис, да отвораат нови компании и на тој начин процентот од околу 30% жени претприемачи во Македонија да се зголеми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП