„Европската унија треба да и помогне на Италија, а не да ја учи, бидејќи тоа би можело да доведе до уште поголема победа за популистите од земјата“, рече американскиот милијардер Џорџ Сорос.
Примајќи ја за готова, дека составената нова италијанска влада од крајнодесничарската партија „Лига“ и антисистемското Движење „5 ѕвезди“ имаат различни цели во однос на електоратот и буџетските приоритети, Сорос смета дека владата на Џузепе Конте „може да падне и да се одржат избори на крајот на оваа или на почетокот на следната година“. Ова го пишува во едно писмо објавено денеска од весникот „Кориере дела сера“.
„Резултатот од следните избори многу ќе зависи од тоа како ЕУ ќе реагира на нестабилноста во Италија. Во Европа има тенденција да се користи секоја можност за да се поучува Италија“, вели тој.
„Ако ЕУ го усвои овој пристап, таа го копа сопствениот гроб, бидејќи ќе предизвика негативна реакција кај италијанските избирачи, кои ќе дадат уште поголемо мнозинство на популистите“, смета Сорос.
„ЕУ се соочува со бројни проблеми, но на Италија стана најитен, бидејќи се загрозени основните вредности на ЕУ“, предупреди родениот во Унгарија 87-годишен американски милијардер.
Една од главните причини за победата на антисистемските партии во Италија е проблемот со мигрантите, кои масовно пристигнуваат и се принудени да останат таму поради европските правила според кои првата згрижувачка земја носи одговорност за нив, забележува Сорос и нуди „Европа да и исплаќа на Италија финансиска компензација за мигрантите кои пристигнуваат во таа земја“.