4 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИUniCredit планира да се спои со Société Générale?

UniCredit планира да се спои со Société Générale?

Најголемата италијанска банка „UniCredit“ планира спојување со францускиот конкурент „Société Générale“, објави „Financial Times“.

Весникот цитира анонимни извори од раководството на италијанскиот банкарски гигант, според кои извршниот директор Жан-Пјер Мустие месеци лобира за зделката со „SocGen“.

Доколку стане факт, ќе доведе до создавање на еден од најголемите финансиски конгломерати на Стариот континент и може да даде почетокот на нов бран спојувања и превземања во банкарскиот сектор, пишува уште „FT“.

До овој момент, сепак не се преземени формални чекори и нема упатено официјална понуда до раководството на „Société Générale“. Сепак, директорите на француската банка исто така ја разгледуваат можноста за евентуално спојување.

Според „FT“ и двете страни се во почетна фаза на преговорите, а една од главните причини за одложувањето на процесот е политичката ситуација во Италија.

Извршниот директор на „UniCredit“, Жан-Пјер Мустие раководеше со инвестициската единица на „SocGen“ до 2009-та година, потсетува весникот. Сега тој смета дека францускиот трезор ќе е идеално дополнување во портфолиото на „UniCredit“, бидејќи ќе го поддржи инвестициското банкарство и ќе ги зајакне позициите во Источна Европа.

За „Société Générale“ спојувањето би обезбедило лидерски позиции во Италија и Германија, како во корпоративното, така и во приватното банкарство.

Без оглед на можниот договор меѓу двете банки, сепак, тоа сигурно ќе наиде на тешкотии. Освен политичкиот хаос во Италија и традиционалната недоверба, со што се пречекуваат странските акционери во италијанските компании, регулаторите исто така може да стават на маса аргументи против спојувањето на двете банкарски институции, кои дури и одделно се доволно големи за да претставуваат системски ризик.

Досега „SocGen“ и „UniCredit“ одбија да дадат коментари во врска со деталите за разговорите.

Во меѓувреме европскиот банкарски сектор е подложен на уште поголем притисок за консолидација, бидејќи банките на Стариот континент прогресивно губат пазарен удел од американските конкуренти.

Од „FT“ потсетуваат дека пред еден месец членови на одборот на директори на „Barclays“ разговарале за планови за евентуално спојување со локалниот британски конкурент „Standard Chartered“. И Европската централна банка ги охрабрува прекуграничните трансакции како дел од својата пан-европска стратегија за банкарски сојуз.

Самиот Жан-Пјер Мустие веќе одамна ги сподели своите ставови на оваа тема. Во мај, во рамките на конференцијата на Меѓународниот институт за финансии во Брисел, тој уште еднаш истакна дека еврозоната има потреба од поголеми банкарски институции кои ја покриваат зголемената побарувачка на кредити и финансиски инструменти.

Според експерти, цитирани од „FT“, интересот на Мустие кон „Société Générale“ бил очигледен уште при зголемувањето на капиталот на „UniCredit“ со 14 милијарди евра во минатата година. Тој им кажал на вработените во банката дека сака неговата пазарна капитализација да ја надмине „SocGen“ и тоа веќе е факт.

При затворањето на берзанската трговија во петокот (1-ви јуни) пазарната проценка на италијанската банка беше во износ од 33 милијарди евра, додека онаа на француската банка беше 32 милијарди евра.

Сепак, ниту една од двете банки нема да биде подготвена да склучат договор за најмалку уште една година. Во „UniCredit“ поправката на „штетите“ од акумулираните лоши кредити ќе продолжат барем до крајот на 2019-та година, според експертите.

Во „Société Générale“ пак не е завршена сагата со учество на банката во скандалот со манипулација на „Libor“. Цената на акциите се намали за 13% од почетокот на оваа година поради нејаснотиите околу можните санкции кои ќе и бидат наметнати.

За Жан-Пјер Мустие сепак спроведувањето на спојувањето би можело да се смета за сериозен успех. Откако го презеде управувањето со италијанската банка во текот на летото 2016-та година, нејзините акции се зголемија за 27 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП