9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВоведена нова авиолинија Варшава-Скопје-Варшава

Воведена нова авиолинија Варшава-Скопје-Варшава

На „Меѓународниот аеродром Скопје“ од денеска е воведена новата авиолинија Варшава-Скопје-Варшава, што ќе ја реализира авиокомпанијата „ЛОТ Полиш ерлајнс“. Директната авиолинија ќе се одвива редовно, шест дена во неделата во текот на летната сезона, освен во недела.

Првиот лет од аеродромот „Фредерик Шопен“ во Варшава до „Меѓународниот aеродром Скопје“ полета од полскиот главен град во 10:35 часот, а во Скопје слета во 12:40 часот. Патниците од Македонија кон Полска, пак, полетаа во 13:20 часот. Овој ред на летање важи за понеделник, среда и петок. Во останатите денови, односно во вторник, четврток и во сабота летот од Варшава ќе слетува во Скопје во 16:30 часот, додека поаѓањето од македонскиот главен град кон Полска е во 17:10 часот. Летот од Скопје до Варшава трае 2 часа и 5 минути.

„Денеска остваруваме уште еден збор даден пред граѓаните, а тоа е овозможување летови кон нови атрактивни дестинации. Со новата авиолинија Варшава – Скопје – Варшава создаваме можност за зајакнување на економските и културните врски и развој на туризмот меѓу двете држави, со што преку оваа линија ќе се обидеме заеднички да ги приближиме народите на двете земји“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој нагласи дека Владата дека во текот на овој месец планира да објави јавен повик за финансиска поддршка на нискобуџетни компании кои ќе понудат нови дестинации, по цени поволни за граѓаните.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП