1 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИКонфекцијата „МГИ“ оди во стечај – работниците ги очекуваат заостанатите плати

Конфекцијата „МГИ“ оди во стечај – работниците ги очекуваат заостанатите плати

Конфекцијата Macedonia Garment Industry (МГИ) оди во стечај, потврди раководниот менаџер, Холанѓанецот Марсел Мелес, за „Макфакс“. Причината поради која компанијата оди во стечај е непрофитабилноста и неодржливоста на бизнисот.

„За жал, компанијата не можеше да го достигне нивото на продуктивност неопходно за да се одржи долгорочна профитабилност и тековна одржливост на бизнисот. ‘МГИ’ не беше во можност да привлече дополнителни инвестиции што би ја поддржале компанијата во тековната работа. За жал, настаните надвор од контрола на компанијата значат дека не можам да спроведам редовен процес на ликвидација. Затоа, единствена можност што сега ја имам на располагање за да ја затворам компанијата е да прогласам нејзин стечај“, потврди Мелес за „Макфакс“.

Компанијата е основана во 2008 година со визија да биде регионален производител на модерни машки панталони за европскиот пазар. Менаџерот Мелес, сепак, не одговори на прашањето на „Макфакс“ колку плати им должи на вработените и колку од нив останале да работат.

„Макфакс“ контактираше доскорешни вработени во текстилната фабрика кои тврдат дека од 130-ина вработени, до пред некој месец останале 40-ина и дека фирмата им должи пари за неисплатени плати. Минатата година добиле регрес за годишен одмор од само 500 денари, со образложение дека фирмата има финансиски потешкотии при работењето. Тие пред две недели протестираа и изјавија дека биле принудени да потпишуваат откази.

Една од работничките кои до неодамна работеле во „МГИ“ за „Макфакс“ изјави: „До лани работев таму. Кога видов дека почнуваат да доцнат со платите, решив да си заминам“. Неофицијално, Мелес планира да отвори конфекција во Врање чија цел бил европскиот пазар.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП