10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗемјоделство: половина ниви остануваат необработени

Земјоделство: половина ниви остануваат необработени

Македонија располага со големи земјоделски површини, но слабо ги користи – речиси половина ниви остануваат нобработени.

Скоро половина од ораниците и бавчите остануваат незасеани. Според пресметките на Државниот завод за статистика (ДЗС) од вкупната површина од 415.004 хектари засеани биле само 276.567 – најголем дел или 58% под жита, 19% под зеленчук, 14% под фуражни и 9% под индустриски култури.

„Македонија од една страна троши милиони за увоз на храна, троши милиони и за субвенции а не ги користи целосно своите потенцијали. Необработени ниви има насекаде а главно во ридските и планинските предели. Тоа е вистинска штета, потребна е сериозна стратегија за ова да се промени“ вели Петар Станоевски, агро економист.

Дополнителен проблем се и нивите кои се сеат само за субвенции – многумина земаа огромни површини под концесија а го обработуваат само заради државната поддршка.

„Кај нас земјата е релативно евтина, па многумина купија или изнајмија површини за да ги обработуваат но не со примарна цел производство туку субвенционирање. Квалитетот не им е важен, само квантитетот кој значи и поголема државна поддршка“ објаснува Мирко Петревски, аналитичар на пазарот со недвижности.

Од една страна има луѓе кои не можат да дојдат до земја а сакаат да ја работат а од друга има и такви кои само инвестираат во недвижност – ги затвораат парите во обработливи површини кои во суштина не ги обработуваат.

„Земјата ниту старее ниту расте. Таа е се помалку достапна. Токму затоа и цените полека но сигурно ќе одат нагоре, но не може да се очекува екстремна заработка на кус рок“ објаснува Марија Тасеска, сопственик на Агенција за недвижности.

Скоро пола држава е под земјоделско земјиште. Од вкупната површина, 25.713 квадратни километри, 12.644 км2 или 1.264.408 хектари се земјоделска – 7.503 км2 се пасишта, 4.150км2 се ораници и бавчи, 594 км2 се ливади, 232 км2 се лозја, а 159 км2 се овоштарници.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП