1 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПосилната побарувачка за компјутери ги зголеми резултатите на HP

Посилната побарувачка за компјутери ги зголеми резултатите на HP

Технолошкиот гигант „HP“ забележа повисоки од очекуваните приходи за кварталот и ја зголеми прогнозата за годишната добивка, охрабрена од силната побарувачка на лаптопи и десктоп компјутери, пренесува „Ројтерс“.

Покрај тоа, компанијата го постави Стив Филер за свој нов главен финансиски директор, кој ја наследува Кети Лесјак.

Филер чие назначување влегува во сила од 1-ви јули, во моментов раководи друга единица на „HP“. Лесјак ќе биде главен оперативен директор.

Акциите на „HP“, која се отцепи од „Hewlett-Packard Co.“ во 2015-та година, запишаа сосема мал раст за време на берзанската трговија.

Компанијата ја зголеми прогнозата за годишната прилагодена заработувачка, очекувајќи дека таа ќе биде од 1,97 до 2,02 американски долари по акција од 1,90 до 2,00 американски долари по акција. Аналитичарите очекуваа просек 1,97 долари по акција според „Thomson Reuters I/B/E/S“.

Бизнисот со персонални системи, кој вклучува лаптопи и десктоп компјутери и носи над 60% од вкупните приходи, бележи раст од 14,5% на приходите до 8,76 милијарди долари за вториот квартал. Просечната прогноза на аналитичарите беше за 8,28 милијарди долари.

Компанијата со седиште во Пало Алто, Калифорнија, е лидер според продажбата на персонални компјутери во светот за првиот квартал од 2018-та година со 22,6% удел на пазарот според „IDC“.

„IDC“ тврди дека побарувачката за премиум лаптопи, како од компаниите, така и од приватни лица, им помогна на главните производители на персонални компјутери да ги задржат најдобрите маргините.

„HP“, која го заврши купувањето на бизнисот со печатачи на „Samsung Electronics“ во минатата година, изјави дека приходите од овој нејзин бизнис пораснаа за 10,9% до 5,24 милијарди долари, што е над очекуваните од аналитичарите за 5,13 милијарди долари.

Нето добивката на компанијата се зголемила за 89,3% до 1,06 милијарди долари, или 64 центи по акција, во кварталот, кој заврши на 30-ти април, потпомогната претежно од еднократното даночно олеснување од 975 милиони долари.

Ако се исклучат некои елементи, компанијата има заработено по 48 центи по акција, во согласност со очекувањата на „Wall Street“.

Приходите се зголемија за 13,1% до 14 милијарди долари, што е над просечната прогноза за 13,57 милијарди долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП