26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСоветот на Град Скопје го донесе првиот квартален извештај за буџетот за...

Советот на Град Скопје го донесе првиот квартален извештај за буџетот за 2018-та

На денешната единаесетта седница на Советот на Град Скопје беше усвоен првиот квартален извештај за извршување на буџетот на Град Скопје за 2018 година. Овој извештај претставува рамка во која се прикажува остварување на приходите и реализација на расходите во буџетот заклучно со март 2018 година.

Од Град Скопје велат дека во рамки на очекувањата за овој период од годината, остварувањето на приходите се одвива согласно со планираното, а плаќањата на расходите се одвиваат редовно и навремено.

Вкупните приходи во периодот јануари – март 2018 година се остварени во износ од 1,1 милијарди денари, што претставува 17 проценти во однос на планот за 2018 година.

„Се бележи зголемување од 2 проценти во остварувањето на приходите на вкупниот буџет на Град Скопје за првиот квартал од 2018 година во однос на истиот период минатата година, што оди во прилог на одржување на позитивната динамика на остварување на приходите. Задржана е истата динамика на остварување на приходите во последните 4 години“, кажа градоначалникот Шилегов.

Во структурата на вкупно остварените приходи со најголем процент – 47,4 проценти учествуваат даночните приходи. Приходите од трансфери и донации учествуваат со 39,5 проценти, капиталните приходи со 7,2 проценти и неданочните приходи со 5,9 проценти.

На долг рок овој пристап обезбедува подобрување на перформансите при реализација на планираните проекти во буџетот на Град Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП