26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМЗШВ ги издаде решенијата за формирање 13 локални акциони групи

МЗШВ ги издаде решенијата за формирање 13 локални акциони групи

Денеска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа завршната конференција од проектот на Република Македонија и Република Словенија за ЛИДЕР-пристапот во Македонија.

„ЛИДЕР-пристапот и ефикасното функционирање на Локалните акциони групи ( ЛАГ-ови) за првпат успешно се реализираат во Македонија. Како резултат на соработката со словенечкото Министерство, денес има 13 регистрирани Локални акциони групи, кои ќе добијат финансиска и институционална поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За оваа намена со Програмата за рурален развој 2018 се предвидени 10 милиони денари. Ваквата финанасиска и институционална поддршка ќе продолжи сè до акредитирање на мерката ЛИДЕР преку ИПАРД-програмата“, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од МЗШВ додаваат дека ЛАГ-овите претставуваат еден облик на јавно приватно партнерство во кое се вклучени самите земјоделци, земјоделските здруженија, бизнис-заедницата и локалните самоуправи. На овој начин, велат, земјоделците и населението во руралните средини ќе имаат можност директно да ги посочат своите барања и потреби во однос на развивање на руралните средини, и тоа не само од аспект на земјоделството, туку и од апсект на подобрување на руралната инфраструктура, развивање на руралниот туризам и подобрување на животната средина.

„Со формирањето на ЛАГ-вите во делот на земјоделството исто така се отвораат бројни можности за брендирање и промоција на македонските автохтони земјоделски производи. Со тоа ќе се зголеми препознатливоста на македонските производи за домашните и странските купувачи, што претставува директен економски бенефит за македонските производители на земјоделски производи“, велат од МЗШВ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП