26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрад Скопје основа ново претпријатие за енергетика

Град Скопје основа ново претпријатие за енергетика

На денешната седница Советот на Град Скопје основа ново акционерско друштво кое ќе се занимава со енергетски дејности.

Од прес-службата на градот велат дека со оваа одлука Скопје ја утврдува потребата од основање акционерско друштво за вршење на овие дејности за подрачјето на Град Скопје за снабдување со природен гас и топлинска енергија, како дејности од јавен интерес од локално значење.

„Со цел брзо и ефикасно приклучување на системот на централно греење и започнување на процесот на гасификација на градот, граѓаните на Скопје во претстојната грејна сезона ќе можат да почнат да ги користат услугите на новото претпријатие за вршење енергетски дејности. Друштвото заради вршење на дејностите за снабдување со природен гас и топлинска енергија ќе основа едно или повеќе трговски друштва на начин и во форма потребна за вршењето на дејностите во согласност со Закон“, соопшти Град Скопје, појаснувајќи дека управувањето на Друштвото се организира според двостепениот систем на управување, преку управен и надзорен одбор.

Работите од надлежност на Собранието на Друштвото ќе ги врши Советот на Град Скопје, како единствен основач. Со Друштвото управува Управниот одбор во рамките на овластувањата определени со Законот за трговски друштва, Статутот и овластувањата што изречно му се дадени од Советот на Град Скопје. Управниот одбор се состои од 5 члена, кои ги именува Надзорниот одбор, со мандат во траење од 4 години со право на повторен избор. Надзорниот одбор се состои од 3 члена, кои ги именува и разрешува Советот на Град Скопје, со мандат во траење од 4 години, со право на повторен избор.

Со оваа одлука се задолжува градоначалникот на Скопје, преку администрацијата на Градот да ги изготват статутот и другите потребни акти за основање на Акционерското друштво. Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во Службен гласник на Град Скопје.

Одлуката беше едногласно донесена од Советот на Град Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП