Европскиот комесар за трговските прашања Сесилија Малмстром го даде најјасниот сигнал досега дека Европската унија нема да успее да добие постојано и безусловно отпишување од групата земји и организации кои ќе бидат оданочени со новите давачки за увоз на метали во САД наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп.
Говорејќи само неколку дена пред да истече рокот на условното ослободување од порезите на 1-ви јуни, Малмстром изјави дека блокот по секоја веројатност ќе стане предмет на квоти за увоз на алуминиум и челик, дури и ако американската администрација одлучи да ги укине царините.
„Реално, ако САД одлучи да се воздржи од наметнување на давачки, очекувам сепак да сакаат да наметнат некоја форма на максимум на европскиот извоз“, рече таа пред Европскиот парламент во Стразбур, цитирана од „Bloomberg“.
„Прашањето е дали тоа ќе биде „хард“ таван – означува ограничување на обемот, над кој нема да е можен друг европски извоз или „мек“ таван, во рамките на кој ќе биде можен понатамошен извоз, но при наметнувањето давачки“, додаде таа.
Според еврокомесарот „мекиот“ таван ќе нанесе помалку штета, а по зборовите нејзини ЕУ сеуште не се откажа од својата намера да ја поднесе својата поплака пред Светската трговска организација (СТО), како и да наметне одмазднички царини за американски стоки во вредност од 2,8 милијарди до 20-ти јуни. Малмстром, исто така, додаде дека деталите од претстојната одлука на САД, исто така, ќе го одредат одговорот на ЕУ.
„Идните активности ќе зависи од видот и јачината на мерките наметнати врз нашиот извоз од САД, и штетата што ќе се нанесе на нашата индустрија“, изјави уште Малмстром. Според неа, „рестриктивните квоти“ на САД ќе ја натераат Европската комисија да подготви „непосреден“ одговор.
Меѓу американските стоки кои првично ќе бидат оданочени со европски давачки од 25%, се моторите „Harley-Davidson Inc.“, фармерките „Levi Strauss & Co.“, како и бурбонот, а Брисел го задржува правото да ја прошири листата.
„Јасно е дека конечната одлука ќе биде донесена од претседателот Доналд Трамп“, додаде Малмстром и предупреди дека е важно да нема поделба во рамките на 28-члениот блок, додавајќи дека треба „во овој момент Европската унија да остане обединета“.