18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЧетири акцелератори ќе обезбедуваат средства и техничка поддршка за старт-ап компании на...

Четири акцелератори ќе обезбедуваат средства и техничка поддршка за старт-ап компании на млади луѓе

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, ги промовираа јавните повици за основање деловно-технолошки акцелератори за млади и за технолошки развој на македонските компании.

Како што информираат од неговиот кабинет, на промоцијата Анѓушев истакнал дека овие два инструмента се комплементарни и се надополнување со мерките од Планот за економски раст, а преку нив директно ќе се поддржат старт-ап компаниите и младите луѓе. Вицепремиерот додал и дека на овој јавен повик, за двата инструмента, на компаниите на располагање им се ставени вкупно 3,4 милиони евра.

„Преку овој повик стимулираме создавање бизнис-акцелератори, кои би биле поддршка за старт-ап компаниите. Поддршката е во форма на неповратен грант, кој може да достигне до 500 илјади евра, односно кофинансирање до 75% од вкупното учество на проектот, додека 25% од средствата треба да обезбеди компанијата која аплицира на јавниот повик. Наша намера е да се отворат четири акцелератори, на територијата на цела Република Македонија, кои ќе обезбедуваат средства и техничка поддршка за старт-ап компании на млади луѓе, да ги реализираат своите бизнис-идеи. Со вториот инструмент се поддржува поддршката за пораст на конкурентноста на македонските компании и особено е атрактивна за стопанските компании, бизнис-асоцијации и кластерските здруженија. Преку овој инструмент се обезбедуваат неповратни средства во висина до 500 илјади евра, односно до 50% од инвестициите во технолошки и технички раст и развој на компаниите“, потенцира вицепремиерот.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој на промоцијата на јавните повици истакнал дека станува збор за два нови финансиски инструменти на Фондот, со кои се проширува понудата на младите луѓе, компаниите и научните институции за стимулирање на иновациите и раст на конкурентноста.

„Со двата нови инструменти целиме да ги поддржиме брзорастечките бизниси и да поттикнеме создавање високо платени работни места од над 30 илјади денари и повеќе. Преку овие два инструмента, користејќи ги меѓународните искуства, на младите им даваме можности кои ги имаат и во другите поразвиени земји. Со грантот од 3,4 милиони евра, очекуваме да се генерираат вкупни инвестиции до 5,5-6 милиони евра во наредните 2-3 години. Дури 80% од грантот кој ќе биде доделен за основање на акцелераторите, ќе биде наменет за директна финансиска поддршка за старт-ап компаниите. Преку акцелераторите младите луѓе ќе може да обезбедат средства и за почетни инвестиции, но и за инвестиции во натамошните фази на развој“, истакна Деспотовски.

Јавниот повик се спроведува преку Фондот за иновации и технолошки развој, средствата се обезбедени во соработка со Светска банка, а ќе биде отворен во наредните 2 месеци, поконкретно до 27 јули 2018 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП