3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМал пазар со ограничена куповна моќ - Македонија не е интересна за...

Мал пазар со ограничена куповна моќ – Македонија не е интересна за големите брендови

Само Косово и Албанија се зад Македонија во однос на присуството на меѓународни брендови на локалните пазари. Големите компании се шират во Грција, Бугарија, Хрватска па дури и Србија и Босна, а како се уште да ја избегнуваат нашата земја.

Познавачите на состојбите велат дека има повеќе причини за ова – малиот пазар, ограничената куповна моќ, но и заглавените евроинтеграции.

„Македонија како пазар од два милиони е незначајна на мапата на големите корпорации. Бројот на жители е мал, но уште помала е куповната моќ“, објаснува консултантот за брендирање Христина Бојковска.

И искуствата на оние кои се веќе присутни на нашиот пазар ги одвраќаат потенцијалните нови вложувања. Меѓународните брендови останаа на една до две продавници и тоа само во Скопје.

„За да се промени ваквата состојба неопходен е пораст на животниот стандард што ќе значи и пораст и на личната потрошувачка. Дури тогаш ќе станеме примамливи за брендовите од светски ранг“, смета Бојковска.

Носење на бренд е огромна инвестиција – неопходно е исполнување на строги стандарди што чини многу, а често треба да се платат и астрономски суми за самата франшиза.

„Само за старт е потребна инвестиција од околу милион евра. Од друга страна приходите се ограничени и би биле многу помали во споредба со поразвиените држави“, објаснува Бојковска.

Сепак, состојбата полека се менува – пред неколку години дојде групацијата Inditex со своите Zara, Bershka, Pull&bear, Massimo Duti и Stradivarius, но засега остануваат само во City mall. Во центарот на Скопје се уште ги нема иако во сите метрополи имаат свои продавници и на prime локација во пешачките зони.

Во меѓувреме Burger King ја шири својата мрежа низ земјава, но McDonalds се повлече и засега нема најави дека ќе се врати. Македонија е една од само неколку држави кои не се дел од најголемиот fast food синџир.

Од друга страна по три годишно функционирање синџирот на маркети Carrefour се повлече од Македонија, а зад себе остави и долгови кон добавувачите. Засега нема најава за влез на некој од големите европски и регионални играчи кои би им конкурирале на Ramstore, Tinex, Vero.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП