25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНикола Груевски осуден на две години затвор

Никола Груевски осуден на две години затвор

Поранешниот премиер Никола Груевски е осуден на две години затвор за стекнување лична корист и поттикнување за извршување кривично дело.

Судијката Добрила Кацарска при изрекување на пресудата кажа дека осудените треба во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата да ја надоместат штетата настаната во овој случај.

Експремиерот Груевски денеска не дојде на изрекување на пресудата за случајот „Тенк“, туку беше застапуван од своите бранители Сања Алексиќ, Димитар Дангов и Боро Тасевски.

Првообвинетиот Поповски, со лисици на рацете од Истражниот затвор Скопје беше донесен во судот. Тој вчера, како поранешен помошник министер за внатрешни работи, беше осуден на девет години затвор за злоупотреба на службената положба во предметот на СЈО „Триста“, за набавка на 300 возила за МВР и веднаш беше упатен во притвор, на барање на СЈО поради опасност од бегство.

За трето обвинетата Гордана Јанкулоска, пред еден месец постапката беше издвоена и за неа рочиштето е закажано за 28 јуни.

Според пресудата, прочитана од судијката Кацарска, Никола Груевски извршил влијание врз другите двајца обвинети на начин што од Гордана Јанкулоска побарал МВР да купи патничко возило „мерцедес“, а Јанкулоска, пак, го поттикнала Ѓоко Поповски при купување на возилото да го фаворизира економскиот оператор „Мак Ауто Стар“ ДООЕЛ Скопје.

Пред новиот Кривичен суд беа собрани 30-тина поддржувачи на Никола Груевски, меѓу кои се и поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски.

Судот е обезбеден со полициски кордон, а уште од синоќа беше ограден со метална ограда со што е ограничено движењето околу судската зграда.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП