7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

najnovi-vesti1

Париз – Невработеноста во Франција во првиот квартал достигна 10,8 отсто што е највисока стапка од 1998 година, покажаа податоците на Заводот за статистика во Париз. Стапката на невработеноста во Франција, која е втора економија во еврозоната, во првите три месеци во 2013 година порасна за 0,3 отсто во однос на претходниот квартал, наведе Заводот. Франција во првиот квартал падна во рецесија, додека во април е регистриран рекорден број на невработени и забележани 24 месеци по ред во кој бројот на невработените се зголеми.

Рим – Наспроти сериозната и долготрајна рецесија, приходите од даноците во Италија пораснаа за 0,5 отсто, или околу 533 милиони евра во првите четири месеци во 2013 година, соопшти Министерството за финансии во Рим. Во соопштението се наведува дека приходите во 4 месеци заклучно со април изнесувале 117,56 милијарди евра, пренесува италијанската новинска агенција АНСА. Приходите од директните даноци пораснале за 4,5 отсто или околу 2,7 милијарди евра во однос на истиот период лани. – Приходите во првите 4 месеци оваа година, наспроти негативната економска состојба, главно се исти со приходите од истиот период минатата година – наведе министерството.

Франкфурт – Производството на луксузните модели Кајен и Панамера на Порше, се прекина поради поплавите ширум Европа кои го оневозможија снабдувањето со делови. Германската компанија ги обавести работниците од првата смена да не доаѓаат на работа, бидејќи поплавите во Чешка ја оневозможија испораката на каросерии за моделот Кајен. – Постои проблем со испорака на каросерии кои се произведуваат во фабриката на Фолскваген во Братислава, а потоа со воз се транспортираат низ Чешка во Лајпциг – изјави портпаролот на Порше.

Загреб – Финансиската агенција на Хрватска воведе уште еден парафискален данок за компаниите иако министерот за финансии Славко Линиќ порача дека бројот на тие даноци кои ги плаќаат фирмите мора да се намали. Деловен дневник пренесува дека компаниите до сега своите финансиски извештаи можеле да ги доставуваат во Фина бесплатно, по електронски пат, а дека агенцијата сега тоа почнала да го наплатува и тоа од 230 до 290 куни (31 до 39 евра).

Мумбај – Најголемата приватна компанија во Индија Рилајанс индастриз планира да инвестира 1,5 билиони рупии (26 милијарди долари) во својата дејност во следните три години, рече на акционерите на фирмата нејзиниот претседател Мукеш Амбани. – Ќе ја покренеме оваа инвестиција, најголема до сега за нашата компанија, во сите пет сектори – рече Амбани на годишното собрание на компанијата во Мумбај.

Сан Франциско – Според податоците на меѓународната ИТ консултантска и истражувачка куќа ИДЦ, 2013 година е година на паметните телефони. Се проценува дека оваа година ќе се продадат околу 958,8 милиони смартфони, што е за 32,7 отсто повеќе во однос на 722,5 милиони парчиња продадени лани, наведе ИДЦ.

Загреб – Германската компанија РВЕ влегува на хрватскиот пазар со снабдување на електрична енергија низ аквизација на фирмата Енергија 2 системи д.о.о. – објави интернет порталот СЕЕ.биз. Енергија 2 е фирма која лани оствари речиси 7 милиони куни. Меѓу компаниите и институциите со кои соработува се Хрватска лотарија, Универзитетот во Загреб, Општинскиот суд во Сплит, ПМФ Сплит, градските управи во Макарска и Умаг, Археолошкиот музеј во Истра и Техничкото училиште во Загреб.

Париз – Францускиот автомобилски гигант Рено има намера во главниот град на Нигерија, Абуџа да отвори своја прва фабрика идната есен, соопшти управата на компанијата. Компанијата планира за 4 години да продаде 2.500 возила годишно во оваа африканска земја, што е 5 отсто од вкупниот нигеријски пазар. Годишната продажба на Рено во Нигерија до сега не била над 800 возила.

Париз – Средната класа во развиените земји во 21 век постепено се намалува, додека од друга страна таа станува се побројна во земјите во развој, а француските аналитичари причината за тоа ја гледаат во техничкиот прогрес и мондијализацијата. Светската банка во средна класа ги вбројува луѓето кои дневно трошат од 10 до 100 долари. Две милијарди жители на земјата денес припаѓаат на средната класа, а најмногу се во Европа и Северна Америка, а само 28 отсто во Азија. Според предвидувањата на оваа меѓународна институција за 10 години околу 3,5 милијарди луѓе во светот ќе припаѓаат на средната класа, но мнозинството од нив тогаш ќе бидат жителите од азискиот континент.

Њујорк – Некои хотели во САД се ослободуваат од скапите услуги за да се прилагодат на се поекономичните туристи и да преминат на работа по принципот ништо што е непотребно. Така најголемиот хотел во Њујорк Хилтон Мидтаун со капацитет од 2.000 соби во август ќе престане да ги послужува гостите во соба и ќе отпушти 55 работници кои ја работат таа работа. Лани уште еден хотел од синџирот Хилтон, Хаваиан вилиџ исто така ја откажа таа услуга. Приходот на американските хотели од достава на храна и пијалоци во собите лани достигнал само 3,33 долари по една соба, покажуваат резултатите од истражувањето на агенцијата ПФК хоспиталити рисерч.

Каиро – Девизните резерви на Египет пораснаа во мај за 1,6 милијарди долари на вкупно 16 милијарди долари, соопштено е од централната банка на Египет. Тоа е втор месец по ред на раст на резервите, кои сега се само малку над границата која властите ја нарекуваат критичен минимум од 15 милијарди долари, што е доволно за покривање на трошоците на тромесечниот увоз.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП