6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев: Преку намалување на сивата економија да прибереме повеќе средства во буџетот

Анѓушев: Преку намалување на сивата економија да прибереме повеќе средства во буџетот

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, учествуваше на дебата насловена „Економски разговори – Јавните финансии на крстопат“, организирана на Економскиот факултет во Скопје.

Како што информираат од неговиот кабинет, Анѓушев потенцирал дека станува збор за многу сериозна тема која ги засега сите граѓани на Република Македонија, односно за управување со буџетските средства кои се прибираат од даночните обврзници.

„Владата мора транспарентно и одговорно да се однесува кога станува збор за управување со народните пари, и тоа оваа Владата го покажа и докажа во изминатите 12 месеци. Воедно, управувањето со овие средства треба да биде во насока на реализација на капитални проекти, кои се за доброто на граѓаните и на економијата генерално. Не смееме да ја поддржиме тезата дека Владата не треба да потроши ниту еден денар бидејќи на тој начин економските текови ќе застанат. Крајната цел е да се најде соодветен начин за доброто управување со јавните финансии и правилно алоцирање на средствата за реализација на капитални инвестиции кои носат бенефит за општеството“, нагласил Анѓушев.

Во своето обраќање за време на свеченото отворање на дебатата, вицепремиерот посочил неколку елементи во кои гледа можност за подобрување кога станува збор за зголемување на буџетските средства, како и за начинот на кој тие средства се наменуваат во насока на поинтензивен економски развој.

„Една од забелешките во извештајот за напредокот на Република Македонија од Европската комисија се однесуваше за нивото на сивата економија во државата. Тоа е сегмент кој може многу да се подобри и на тој начин да се приберат повеќе средства во буџетот. Како пример би можеле да го земеме земјоделското производство, кое според официјалните податоци на годишно ниво изнесува околу 1 милијарда евра, од кои околу 300 милиони евра се наменети за извоз. Согласно со направените првични анализи стотина милиони евра земјоделски производи се продаваат, а за нив немаме никаков официјална трага, а тоа е дисторзија на економскиот систем“, рекол Анѓушев.

Покрај вицепремиерот задолжен за економски прашања на денешната дебата учествувале и минстерот за финансии Драган Тевдовски, заменик-министерот за економија, Кире Наумов, претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, ректорот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, деканот на Економскиот факултет проф. д-р Љубомир Дракулевски, како и други еминентни имиња од економска фела.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП