МАКЕДОНИЈА

180 илјади работници во Македонија се сиромашни!

Секој трет работник во земјава живее во сиромаштија. Најновите податоци на Сојузот на синдикати на Македонија се алармантни. Станува збор за луѓе кои работат, заработуваат а живеат во многу тешки услови, тие заедно со нивните семејства одвај го протуркуваат месецот.

Податоците кои ги објави ССМ покажуваат дека прагот на сиромаштијата во Македонија изнесува 31.200 денари, но 33% или околу 180.000 работници од вкупниот број на работници кои изнесува 540 000 вработени живеат со плата под прагот на сиромаштијата или одат на работа, а се сиромашни.

Според синдикалците, политичка е одлуката овие луѓе да живеат во сиромаштија, односно да работат, а да се сиромашни, затоа што доколку се зголемеше минималната плата, немаше да има ниту еден работник кој ќе живее со приходи под прагот на сиромаштија во Македонија.

„Суштината на синдикалната порака е дека спорот повеќе не е само околу износот на минималецот, туку околу тоа дали државата прифаќа дека има маса вработени луѓе кои, и покрај тоа што работат, остануваат сиромашни. ССМ редовно излегува да се бори за зголемување на работничките плати, а работниците треба да се охрабрат и да излезат да се борат за својата плата затоа што зголемувањето на минималната плата значи зголемување на сите останати плати!“. велат од ССМ.

Како потврда за тешката состојба на работниците е и последната пресметка на синдикалната потрошувачка кошничка. За една година минималниот трошок за живот порасна за 4.355 денари, за две години за 8.126 денари. Синдикалната минимална кошница на ССМ незапирливо расте и во октомври ја проби психолошката граница, достигнувајќи 70.358 денари. Но вистинската слика за движењето на трошоците се гледа кога ќе се направи споредба со истиот месец од претходните години.

И покрај ваквите јавни податоци, за се потешкиот живот на работниците, на последниот Економско социјален совет не се отвори прашањето за интервентно зголемување на платите на работниците. Наместо подобрување на животниот стандард, власта и натаму се обидува да ги убеди синдикатите а со тоа и работниците дека не е се така црно. Дека инфлацијата се намалува, економијата расте а бројот на вработени се зголемува.

И.П