21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајдобрите ученички компании на натпревар во Скопје

Најдобрите ученички компании на натпревар во Скопје

Најдобрите ученички компании денеска ќе одржат натпревар во Скопје од 10.30 до 17 часот, во „Веро центарот“ (булевар Кочо Рацин бр. 1).

Станува збор за национален натпревар на 11 ученички компании од десет средни училишта од целата територија на Македонија. Учество ќе земат 55 средношколци и нивните ментори наставници од Битола, Гевгелија, Кавадарци, Куманово, Скопје, Валандово и од Велес.

По изборот за најдобра ученичка компанија на 18 мај, и нашата земја ќе има можност да учествува на европското финале на најдобри ученички компании со свои претставници. Оваа година домаќин на европското финале е „Џуниор ачивмент Србија“, каде што од 16 до 19 јули во Белград ќе се одржи натпреварот на финалистите од 36 земји членки на „Џуниор ачивмент мрежата“.

Натпреварот финансиски е подржан од страна на Американската агенција за меѓународен развој, а се реализира од организацијата „Џуниор ачивмент Македонија“ – член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide, основана 1919. Главната цел на натпреварот е средношколците што беа дел од образовната програма да го покажат своето искуство во менаџирање ученичка компанија, во стекнатото знаење и во претприемачките вештини.

Ученичката компанија е образовна програма која се спроведува надвор од наставната активност во средните училишта. Таа им овозможува на учениците да бидат вклучени во развојот и менаџирањето на сопствените компании, со вистински производи и услуги и да управуваат со заработката од пари за време на средното образование. Програмата за ученички компании им овозможува практично искуство на учениците за водење бизнис и развивање нови вештини, како што се тимската работа, лидерството, презентирањето, планирањето и финансиската контрола, при што учат што значи да се преземe одговорност за успехот на својата компанија. Тоа е совршена подготовка за светот на бизнисот. Мисијата на „Џуниор ачивмент“ за инспирација и подготовка на млади луѓе за успешна економија на земјата е во согласност со една од главните насоки на Европската комисија дека секој млад човек треба да има практично претприемачко искуство пред да си замине од задолжителното образование.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП