8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБектеши: Фер трговија и заштита на потрошувачите само со развиен метролошки систем

Бектеши: Фер трговија и заштита на потрошувачите само со развиен метролошки систем

Во организација на Бирото за метрологија на Македонија денеска беше одбележан Светскиот ден на метрологијата – 20 мај. На настанот присуствуваше и министерот за економија, Крешник Бектеши, кој пред присутните истакна дека еден од најуспешните стратешки проекти на Европската Унија е формирањето на Единствен Пазар, а еден од неговите столбови е слободното движење на стоки.

„Целосното остварување на овој сегмент означува дека се надминати сите технички бариери. Токму инфраструктурата за квалитет дава суштински придонес кон надминување на овие техничките бариери, што води кон фер трговија и грижа за потрошувачите. Но, фер трговијата и заштитата на потрошувачите не се возможни без развиен метролошки систем. Затоа, Бирото за метрологија ја има клучната улога во развојот и одржувањето на метролошкиот систем во Република Македонија – како во процесот на усвојување и хармонизација на националното техничко законодавство со она на Европската унија, така и во неговата примена“, истакна Бектеши.

Директорката на Бирото за метрологија Мерита Мустафаи во своето обраќање рече дека без разлика за која област на мерење станува збор – трговија, анализи, тестови, калибрација, контрола на квалитет на технолошките процеси, наука – довербата во резултатите кои се добиваат е од големо значење.

„Нашата мисија и визија се насочени кон градење на престижна метролошка институција, препознатлива во европски рамки и пошироко, која ќе даде поддршка на меѓународната интеграција на нашата земја и нашата индустрија од аспект на нејзина меѓународна конкурентност“, изјави Мустафаи.

Годинешната тема на Светскиот ден на метрологијата е постојана еволуција на Меѓународниот систем на единици. Во номеври годинава, Генералната конференција за тегови и мерки се очекува да се согласи за една од најзначајните промени на Меѓународниот систем на единици. Оваа, како што велат експертите, историска промена кон користење на законите на природата во дефинициите ќе ја елиминира конечната врска меѓу системот на единици и дефинициите засновани на физички артефакти, што значи дека ќе донесе промена во начинот на дефинирање на одредени единици на мерење и ќе биде целосно базиран на константи на природата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП