17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСаемот на кариера ќе им помага на младите за обука, пракса и...

Саемот на кариера ќе им помага на младите за обука, пракса и вработување

Агенцијата за млади и спорт првпат годинава го организира настанот Саем на кариера 2018, кој ќе се одржи на 15 мај со почеток во 10 часот на локацијата Кампус на општествени науки при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“. Целта на овој настан е младите да се информираат и да стапат во директен контакт со компаниите, со можност да бидат селектирани за обука, пракса или вработување.

На платото на УКИМ сите компании што ќе земат учество ќе имаат отворени штандови, а единствено што се бара од секој млад посетител на саемот е со себе да понесе кратка биографија во електронска форма.

Агенцијата за млади и спорт како институција што се грижи за развојот на младите и нивна интеграција во работниот процес, со ваквиот настан овозможува вмрежување на младите, институциите и бизнис-секторот.

Тоа што настанот се одвива пред крајот на студиската година им овозможува на студентите полесно да стапат во контакт со компании во кои може да ја исполнат задолжителната пракса во летниот период.

Од друга страна, ова е одлична можност за компаниите да дојдат до база на податоци од студенти што се заинтересирани за работа и пракса, со можност за потенцијални нови вработувања.

Покрај компаниите, свои штандови на саемот ќе имаат и Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика и Фондот за иновации и технолошки развој. Настанот е подржан од „Бест Скопје“ и „Аиесек Македонија“.

Во склоп на Саемот на кариера 2018 ќе се одржи и панел-дискусија на тема „Како до успешна кариера во македонски иновативни компании“. Листата на панелисти што ќе бидат дел од настанот и ќе ја споделат својата успешна приказна се: Коста Петров, основач на P World, Хајан Селмани, основач на „Хаселт ИТ-компанија“, Марија Матовска, национална координаторка на наградата за социјално претприемаштво Social ImpactAward, Даниел Димов, основач на „Мобидонија“ и Иван Кунгуловски, основач на „Биоинженеринг“. Модератор на панелот ќе биде Дона Костуранова, извршен директор на Младинскиот образовен форум (МОФ).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП