Премиерот, Зоран Заев, заедно со неговите советници за меѓународна економија и развој и економски прашања, денеска ја прими делегацијата од КФВ банката за поддршка на развојни проекти во сопственост на германската влада, предводена од Кристоф Тискенс, директор на групацијата за Југоисточна Европа и Турција.
На средбата присуствуваа и заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Марко Акватичи, како и Роберт Шарламанов од канцеларијата на КФВ во Скопје.
Како што информираат од Владата, на состанокот била истакната досегашната плодна соработка меѓу Германија и Македонија, а како најсилна потврда била подвлечена поддршката која КФВ банката ја дава особено во сферата на животната средина, енергетскиот сектор, локалната инфраструктура, водоснабдувањето и отпадните води, како и за проектите за одржлив економски развој.
Соговорниците се согласиле дека поддршката на германската групација КФВ, која се придружува кон меѓународните напори за поддршка на Македонија за забрзување на структурните реформи и обезбедување нов стимул за развој на бизнис климата, е од исклучителна важност и е во согласност со заложбата на Владата за заживување на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Разговарајќи за можностите за идна соработка, потенцирајќи ги како најатрактивни и особено значајни проектите од областа на енергетиката и тоа ветерните електрани, како и инфраструктурата и развојот на руралните средини, премиерот Заев истакнал дека Германија е сериозен економски партнер на нашата земја со трговска размена од 3,6 милијарди долари во 2017 година.
Од двете страни била истакната заложбата за продолжување на соработката со цел продолжување на реформските процеси во Република Македонија, кои, како што било речено, придонесуваат за финансиската стабилизација и економски напредок.