18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа охридскиот аеродром пристигна првиот авион на летот од Ајндховен

На охридскиот аеродром пристигна првиот авион на летот од Ајндховен

Со воден мост во форма на виножито, „ТАВ Македонија“ вчера попладне го пречека првиот лет од Ајндховен кој пристигна на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ и донесе 180 патници со авион од типот „боинг 737-800“ на авиокомпанијата „ТУИ-флај“, во организација на холандскиот тур-оператор ТУИ.

Новите сезонски летови Ајндховен-Охрид-Ајндховен почнуваат од вчера, 11 мај, и ќе траат до 21 септември. На оваа релација ТУИ ќе лета секој понеделник и секој петок, со време на пристигнување на охридскиот аеродром во 13 часот и 30 минути и време на заминување за Ајндховен во 14 часот и 25 минути.

„Многу сме среќни што ТУИ ги проширува своите операции, носејќи повеќе патници на охридскиот аеродром, што значи и повеќе туристи на прекрасното Охридско Езеро. Се надеваме дека пакет-аранжманите на ТУИ ќе привлечат не само туристи од Холандија туку и туристи од другите европски земји, кои ќе ги откријат природните убавини на Македонија и ќе станат нејзини редовни посетители“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

ТУИ веќе оперира на линијата Амстердам-Охрид-Амстердам, носејќи холандски туристи на Охридското Езеро секоја година, а Ајндховен го воведува како втора авионска конекција со охридскиот аеродром. Оваа нова авиолинија, која ќе функционира секој понеделник и секој петок, ќе ги поврзе Охрид и Ајндховен, кој е лоциран во јужниот дел од Холандија и е блиску до белгиската граница, поради што се очекува да привлече и туристи од Белгија.

Сезонските летови од Ајндховен се очекува да донесат од 3 000 до 3 500 патници на охридскиот аеродром, додека севкупно, вклучително и со летовите од Амстердам, се очекува дека ТУИ ќе донесе 15 000 туристи на Охридското Езеро оваа година.

Охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ има 8 сезонски дестинации во текот на летната сезона, во периодот од април до октомври. Во моментов од охридскиот аеродром има 3 редовни авиолинии во текот на целата година – Базел, Цирих и Лондон. Од ноември 2018 година „Визер“ ќе ја отвори новата рута Виена-Охрид-Виена, како редовна авиолинија, оперативна во текот на целата година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП