29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗапочнаа Деновите на финансиската писменост

Започнаа Деновите на финансиската писменост

Од денеска до 13 мај во Скопје сити мол ќе се одржува јавниот настан „Денови на финансиската писменост“. Тридневниот настан има за цел да стави силен акцент на финансиската едукација кај луѓето, како и да се подигне нивото и општата свест за финансиската писменост.

На официјалното отворање на настанот свое обраќање имаа министерот за финансии, гувернерот на Народната банка на Република Македонија, претседателот на Советот на експерти од Агенцијата за супервизија на осигурувањето и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување. Настанот го водеше претседателката на Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Република Македонија.

Според министерот за финансии, г. Драган Тевдовски, настанот претставува вистинска можност граѓаните да се запознаат со финансиските институции и нивниот начин на работење.

„Сите граѓани кои имаат прашања и се интересираат за тема од финансиите овие три дена можат да ги посетат штандовите и да се информираат. Целта е на едно место да можат да се добијат одговори на прашања за буџетот, каматите и нивното пресметување, како да се штеди, кога да се земе кредит, како да се осигурува од ризици, па и како да се заштити од кражби при интернет трансакции. Ги повикувам присутните да го искористат присуството на вработените од различните институции и организации, да поставуваат прашања и да бараат објаснување за работите кои ги интересираат.“ ‒ изјави министерот Драган Тевдовски.

Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, г. Димитар Богов, укажа на значењето на финансиската писменост за стабилноста на финансискиот систем.

„Пред десет години беше речиси незамисливо да се организира настан од ваков тип, но сега веќе втора година кај нас се организира настан со цел да се пренесат основните познавања во финансиската сфера, а секако продолжуваме и понатаму со вакви активности. Ако од порано се бараше граѓаните да поседуваат основни писмени вештини, сега веќе секој треба, меѓу другото, да поседува дигитална писменост и финансиска писменост. Ги повикувам сите заинтересирани да го посетат овој тридневен мултимедијален настан и да дознаат повеќе од финансиската сфера, со што би можеле да донесуваат правилни одлуки и да дознаат како најдобро да се заштитат од ризиците.“ ‒ изјави гувернерот на НБРМ.

Претседателот на Советот на експерти од Агенцијата за супервизија на осигурувањето, г. Климе Попоски, истакна дека осигурителните компании се исклучително важни за граѓаните и дека сега ќе можат да добијат одговори на сите прашања.

„Опкружени сме со сѐ поголем број ризици коишто сѐ почесто и со поголема јачина влијаат негативно врз финаниската состојба на населението и на фирмите. Финансиската едукација има за цел да ја зголеми свесноста на граѓаните за непосакуваното влијание на ризиците и препознавањето на осигурувањето како најдобар и најефикасен инструмент за управување со нив.“ ‒ изјави г. Климе Попоски.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, г. Булент Дервиши, истакна дека и натаму ќе поддржуваат проекти од ваков тип.

„Досега сме поддржале многу проекти чијшто фокус е финансиската едукација на граѓаните, а со особено задоволство сме поддржувачи и на овој настан којшто, од една страна, овозможува граѓаните да добијат корисни информации од финансиската област, а од друга страна, ние како државни институции да се доближиме до граѓаните и да бидеме транспарентни и отворени во начинот на работење.“ – изјави г. Булент Дервиши.

Според организаторите, oвој тридневен настан е исполнет со многу активности коишто ќе овозможат финансиска едукација на сите посетители: „На настанот преку изложбен дел посетителите ќе можат да се информираат за сите финансиски параметри во врска со одредени теми коишто ги засегаат, ќе има презентации на одредени продукти од учесниците, како и голема забава за најмладите со нивното вклучување во проекти со кои од рана возраст ќе се влијае на нивната финансиска писменост преку финансиско-едукативни активности. Мултимедијалните пултови ќе бидат отворени во периодот од 12 до 20 часот.“ – изјавија од Скопје сити мол.

„Деновите на финансиската писменост“ се во организација на Скопје сити мол во соработка со Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Република Македонија, Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Комисијата за хартии од вредност и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.

На овој мултимедијален настан ќе учествуваат претставници на финансиските институции како што се: банките, штедилниците, друштвата за осигурување, друштвата за управување со инвестициските фондови, друштвата за управување со пензиските фондови и микрофинансиските институции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП