18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрад Скопје ги повика граѓаните да се пријават на платена обука за...

Град Скопје ги повика граѓаните да се пријават на платена обука за оџачари

Градот во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Македонија ќе спроведе обука за оџачари на 25 невработени работоспособни лица, што ќе почне на 1 јуни, а ќе трае три месеци.

„Кандидатите за времетраењето на обуката ќе добиваат надомест од 9 000 денари месечно. По завршувањето на обуката, на секој кандидат, покрај сертификат, ќе му бидат обезбедени основни материјали за отворање сопствен бизнис и извесно вработување имајќи предвид дека чистењето на оџаците ќе биде субвенционирано од Градот. За таа цел, годинава Градот Скопје предвиде 10 милиони денари за субвенции за чистење на оџаците. Овие субвенции ќе се реализираат по успешно спроведената обука на новите 25 оџачари“, соопшти Град Скопје.

За потсетување, во Скопје има само осум регистрирани оџачари, а 45 проценти од вкупниот број домаќинства во Скопје се греат на дрва, што е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во градот. Според некои податоци, во Скопје има над 60 000 оџаци што многу ретко се чистат, а општо е познато дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе во споредба со исчистен оџак.

Оваа мерка дел од чекорите што ги презема Град Скопје за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци.

„Макфакс“ претходно пишуваше дека агенциските услуги што ги бара Градот треба да бидат спроведени во 3 фази во кои влегуваат медиумско покривање и обука.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП