29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓански активисти и политичари ги поздравија 25-годишните залагања на Фондацијата Отворено општество...

Граѓански активисти и политичари ги поздравија 25-годишните залагања на Фондацијата Отворено општество – Македонија за создавање демократско општество

Граѓански активисти, претставници на граѓански организации, професори, политичари, аналитичари, амбасадори како и претставници на меѓународни организации, беа дел од многубројните гости на синоќешното свечено отворање на серијата настани посветени на одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ),  во Македонија што се одржа во Музејот на современата уметност во Скопје.

Одбележувањето на големиот јубилеј почна со промоција на документарен филм и изложба – 25 години посветени на градењето отворено општество во Македонија,  преку кои присутните се запознаа со работата на Фондацијата во изминатите години, како и проектите и програмите кои се реализирале со нејзина помош. За почетоците на ФООМ во Македонија, но и за нејзиното значење низ годините синоќа зборуваа заменик-претседателот на Фондациите Отворено општество, Леонард Бенардо и регионалниот директор на Фондациите Отворено општество за Европа и кодиректор на Европската иницијатива за отворено општество Жорди Вакер.

Бенардо ја почнал својата работа за Фондацијата отворено општество во Фондацијата Сорос – Москва, при што продолжил да ги надгледува целокупниот спектар активности со грантови во Русија, но и на Балтикот, во Полска и во Унгарија. Тој е основоположник на програмата за стипендирање Отворено општество, која во 2016 година се прошири и вклучува четири иницијативи фокусирани на потенцијалот на поединците за унапредување на отвореното општество. Вакер пред да дојде на сегашната позиција во Фондацијата отворено општество,  бил директор на Центарот за меѓународни односи во Барселона, кој е еден од највлијателните истражувачки центри на ова поле во Јужна Европа. На неговите сегашни позиции работи на унапредување на вредностите и институциите на отвореното општество во земјите од Европската унија и Западен Балкан.

На работењето на Фондацијата и многубројните предизвици со кои таа успешно се справува во изминатите 25 години синоќа се осврнаа и Владимир Милчин, поранешен извршен директор на ФООМ, Маја Бојаџиевска, претседателка на управниот одбор на ФООМ и Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на ФООМ.

– Фондацијата била и ќе биде меѓу првите за да ги брани правата и слободите на граѓаните, особено на маргинализирани заедници и на нашите сограѓани од помалите етнички заедници. Граѓанското општество и неговиот развој сме го поддржувале, го правиме тоа и денес и ќе прододолжиме понатаму на истиот начин, за да биде рамноправен партнер на институциите во реформите и креирањето на политиките, но и за да може независно да ја надгледува работата на властите, критички да ја анализира и да се застапува за промени – истакна Каранфилова-Пановска во нејзиниот говор на отворањето.

Серијата настани посветени на значајниот јубилеј продолжуваат денеска со регионалната конференција „Зошто Европа, зошто сега“? која ја отворија Фани Каранфилова-Пановска, Жорди Вакер и Лукаш Холуб, раководител на Одделот за политички прашања, правда и внатрешни работи при Делегацијата на Европската Унија.

На конференцијата, аналитичари, новинари, членови на граѓански организации од Македонија и регионот ја разгледуваат перспективата на земјите од регионот за интегрирање во Европската Унија. Преку дебати и отворање актуелни прашања тие ќе ги дефинираат ставовите на граѓанското општество од регионот во светло на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија. Оваа конференција, меѓу другото, ќе даде насоки за пристапување кон ЕУ преку владеење на правото, а ќе даде одговори на прашањата за тоа кои се вистинските закани за Европа и европеизацијата и дали земјите од регионот можат да најдат конечни и обврзувачки решенија за билатералните спорови.

Настаните за одбележувањето на 25-годишниот јубилеј на ФООМ продолжуваат и во следниот период.

 

*****

Фондацијата Отворено општество – Македонија веќе 25 години се залага за создавање динамично и толерантно општество, во кое граѓаните се силни, активни и вклучени, a властите се одговорни, отчетни и отворени за соработка. ФООМ вложи повеќе од 145 милиони долари за подобрување на животот на граѓаните преку континуирана поддршка на иницијативи кои овозможуваат подобро образование и здравство, владеење на правото, почитување на човековите права, плурализам во медиумите и слобода на говорот. Нашата посветеност на младите, маргинализираните групи и локалните заедници е важен влог за поголема општествена кохезија.

25 години поддршка за силни и активни граѓани и демократско општество

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП