Премиерот Зоран Заев придружуван од министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, прими делегација на менаџментот на компанијата „Триглав“, осигурителна и финансиска група во Словенија и регионот Адрија и еден од лидерите во Југоисточна Европа во оваа сфера.
Тричлената делегација, предводена од Барбара Смолникар, членка на управата на холдинг-компанијата „Заваровалница Триглав“ со седиште во Љубљана, го информираше премиерот Заев за тековните бизнис-активности на компанијата и изрази интерес за влез на македонскиот пазар во областите во кои сега не се присутни.
Од владината прес-служба соопштија дека Заев ги поздравил намерите на компанијата изразувајќи охрабрување за секоја нова инвестиција во Македонија што ќе донесе нови работни места. Тој додал дека здравата конкуренција е дополнителен мотив за успешна работа на компаниите во земјата.